Бузалковска: Адеми веќе требаше да си поднесе оставка

439

Мислам дека ако толку скандали се случат во вашиот ресор, она што прво треба да го направите е да си поднесете оставка или барем да земете комплетна одговорност на себе си. Во случај кога тоа не го прави министерот  од ресорното министерство тогаш мислам дека се знае кој би требало да го повлече тој потег, односно оној кој што го назначува, вели режисерката Зоја Бузалковска во гостување на телевизијата Телма.

Бузалковска поднесе оставка од советот за култура поради годишната програма на министерството за култура. Во писмото кое го испрати до премиерот Зоран Заев, Бузакловска истакна  дека министерот не смее да избира и да поставува директори на институциите од културата, бидејќи тоа во изминативе речиси две децении се прави по партиски клуч.

-Не се работи за едно, две или три незадоволства, јас нели тргнав од личното незадоволство и бев фрапирана навистина мислев дека се работи за грешка, за формалност. Бев фрапирана кога од сите страни рипнаа да речам дејците, уметниците од културата, институциите со разни типови на незадоволство. Почнувајќи од тоа кој проекти се одобрени, а кој не се, продолжувајќи со распределбата на буџетските средства во смисла на тоа дека постојат преценети институции, виза-ви потценети институции во финансиска смисла на зборот. Постојат преценети проекти, виза-ви потценети проекти во смисла на учинок во претходната или претходните години. Бидејќи мислам дека тоа е многу важно – вели Бузалковска.

Таа додаде дека изјавата на министерот за култура оти повторно ќе се разгледаат проектите кои биле одбиени, е само обид да се замолчат оние кои се побуниле.

– Она што не ми се допадна е дека додатно ќе се разгледаат оние проекти што не поминале. Мене ме интересира дали проектите кои поминале имале целосна документација. И затоа мислам дека треба се направи ревизија на целокупната програма. Мене ова ми личи: ајде на овие што кренаа галама да им дадеме по едно стотче, и на тој начин да им ја затвориме устата и да си ја реализираме програмата. Проблемот е што нема систем. Јас не гледам департизација на културата – рече Бузалковска.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...