Неусогласеност меѓу наведеното во документацијата на контејнерите и нивната содржина е утврдена до моментов, соопшти обвинителството во Бургас во врска со случајот што се актуелизираше викендов во медиумите во земјава и во Бугарија дека компанијата „Блацион“ ООД, со чие сопствеништво се поврзуваат Блаже Игнатов и Горан Ангелов, извршила нерегулиран увоз на 25 контејнери со отпад. Оттаму, како што јави БГНЕС, додаваат дека отпадот не е радиоактивен или токсичен.
-Отпадот откриен во контејнерите не е радиоактивен или токсичен, уверуваат од Обвинителството, но наведуваат дека контејнерите со италијански отпад, кои биле задржани на пристаништето во Бургас, биле наменети за фирма во Плевен.
Оваа информација, не се поклопува со изјавата на управителот на компанијата „Блацион“ Горан Ангелов која го увезла отпадот. Според него отпадот бил наменет за ТЕЦ „Бобов дол“, јавува БГНЕС.
Ангелов во изјава за МИА посочи отпадот доколку добие дозвола ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија. Игнатов пак за МИА изјави дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење на отпад.
Игнатов за МИА додаде дека станува збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, како што посочија од бугарското Обвинителство, е дозволено. Потенцираше дека тоа ќе го докажат и експертите откако ќе го испитаат отпадот.
Обвинителството во Буграс почна истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во Бургас. Отпадот е транспортиран со брод на 5 септември минатата година и му е определен режим на времено складирање во рок од 90 денови. Истрагата продолжува, се земаат примероци од сите контејнери, ќе биде побарана меѓународна потерница за истрагата, бидејќи контејнерите доаѓаат од Италија.
Со демант во врска со информациите што деновиве протекоа во дел медиумите за увоз на отпад од Италија во Бугарија излезе и фирмата „Блацион“.
– Друштвото „Блацион“ е посредник, а не производител на отпадот и за тоа поседува соодветна лиценца. Производителот на отпадот е тој кој е одговорен за квалитетот на отпадот и одговара за тоа како го декларирал. Категорично ги демантираме сите други шпекулации со кои се поврзува нашата компанија во врска со овој случај и натаму нема да толерираме дезинформации кои го уриваат реномето на нашата компанија и затоа ќе преземеме соодветни правни мерки, се вели во демантот објавен од управителот на „Блацион“ Игнатов.
Во демантот се додава дека изутрината од Јавното обвинителство на Бургас соопштиле дека по извршените контролни анализи на предметниот отпад категорично тврдат дека не се работи ниту за опасен ниту за токсичен отпад.