Бугарија, Србија и Унгарија се подготвуваат за „Турскиот поток“

263

Безбедноста на балканскиот регион и сигурното снабдување со сите клучни енергенси е заедничка цел на Србија, Унгарија и Бугарија, изјави денеска српскиот министер за енергетика Александар Антиќ, по средбата со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто и бугарската министерка за енергетика Таменужка Петкова,

На средбата било разговарано за заеднички активности за изградба на дополнителни капацитети за транспорт на гас и можностите за приклучување кон гасоводот „Турски поток“.

– Се договоривме во наредниот период да имаме многу посилна координација во смисла на развој на нови енергетски проекти, кои ќе доведат до тоа регионот да биде енергетски постабилен и побезбеден и нашите енергетски национални суверенитети да бидат дефинирани во контекст на меѓусебната соработка – рече Антиќ.

Тој истакна дека силната координација во наредниот период треба да биде дополнителен ветар за брза реализација на нови проекти.

На состанокот станало збор и за заедничкиот проект на Србија и Бугарија за гасна интерконекција Ниш-Софија, додека со унгарската страна било разговарано за „цел спектар на соработка во гасната индустрија“.

– Сите три држави ги согледуваат и сите останати клучни гасни проекти и какво е влијанието на тие проекти на нашите три земји и дали постои потреба да градиме некоја дополнителна гасна инфраструктура во Бугарија, Србија и Унгарија – рече Антиќ.

Тој очекува дека следните неформални средби со Сијарто и Петкова ќе се случат во јули во тек на самитот на Кина и 16-те земји од Централна и Источна Европа во Софија.

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Сијарто изјави дека енергетската безбедност е од суштинско значење во овој дел на Европа и затоа треба диверзификација на рутите и изворите за снабдување.

Зборувајќи за природен гас, тој укажа на значењето на диверзификација на снабдувањето со рута од југ.

– Сметаме дека постои намера „Газпром“ да испорача гас во регионот на Централна Европа преку вториот гасовод „Турски поток“ и се надеваме дека нашите бугарски пријатели ќе ги имплементираат сите потребни инвестиции за да испорачаат гас за Србија, кој потоа ќе биде испратен до Унгарија и други европски земји – рече Сијарто.

Тој истакна дека таа нова рута за снабдување со гас ќе биде голем придонесувач за енергетската безбедност на регионот и изрази надеж дека ќе ја има поддршката од ЕУ.

– Затоа што тоа е во европски интерес да се унапреди енергетската сигурност на овој регион – додаде Сијарто.

Тој истакна дека значењето е уште поголемо со оглед на тоа дека во таа соработка се вклучени и две членки на ЕУ и Србија која е кандидат за членство

– Веруваме дека соработката со нас во областа на енергетиката ќе ја забрза европската интеграција на Србија и се надеваме дека нема да чекаме до 2015 година за Србија да стане членка на ЕУ, како што е предвидено во документот на ЕК – наведе Сијарто.

Проектот „Турски поток“ предвидува изградба на гасовод, кој се состои од две линии со капацитет по 15,75 милијарди кубни метри, а вкупната вредност на тој проект се проценува на 11,4 милијарди евра.

Првиот, подводниот крак наменет за испорака на гас за турските потрошувачи е завршен на крајот на април оваа година, додека другата линија е предвидена за снабдување со гас на земјите од јужна и Југоисточна Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...