Од вкупно 16.052 во 2008 година, бројот на заболени овци и кози од бруцелоза лани се сведе на само 373. Нашата цел е намалување на вкупниот број заболени грла на еден процент на ниво на одгледувалиште, односно на 0,05 отсто на индивидуално ниво на целата територија на земјава, вели за МИА директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.
Според него, променетата стратегијата за сузбивање на бруцелозата во 2008 година, со воведување превентивна вакцинација на овците и козите и комплетното воспоставување на системот за идентификација и регистрација на овој вид ситен добиток, и минатата година го потврдија повеќегодишниот тренд на намалување на бројот на заболени грла.
– И минатата година Агенцијата за храна и ветеринарство ги имплементираше мерките за надзор и контрола на бруцелозата кај овците и козите согласно Програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата. Покрај општините каде што редовно се земаше крв за дијагностичко испитување, минатата година беа спроведени дијагностички испитувања и во Радовиш и Карбинци, општини каде беше спроведена масовна вакцинација, но каде дотогаш не беа вршени дијагностички испитувања. Според Годишната наредба за здравствена заштита на животните, во насока на спроведување на Програмата во земјава се врши и вакцинација на подмладокот овци и кози – објаснува директорот.
Паралелно со намалување на бројот заболени грла, почнувајќи од 2008 година, драстично е намален и бројот на лица кај кои било дијагностицирано ова заболување, во најголем дел, како што оценува Атанасов, поради имплементирање на политиките за справување со болеста откога во мерките за контрола е вклучена вакцинацијата на подмладокот, како и соработката меѓу институциите надлежни здравјето на луѓето и здравјето на животните.
– Минатата година, од бруцелоза биле евидентирани само 11 заболени лица, наспроти 485 во 2008 година – дополнува директорот.
АХВ донесе Програма за изменување и дополнување на Програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овците и козите за период од 2016 до 2020 година, со која е предвидено мерките во наредните години да се прошират и на останатите општини каде не се спроведуваше дијагностичко испитување на бруцелоза. Проширувањето на мерките е со цел утврдување на застапеноста и намалување на потенцијалните ризици за појава на болеста бруцелоза.
– Позитивните резултати од спроведената масовна вакцинација во општините Карбинци и Радовиш за нас се потврда дека и во наредните години треба да се продолжи со спроведување на предвидената стратегијата за тестирање и колење на заболените животни. Ваквиот пристап ќе се применува и во останатите општини, односно региони каде до сега се спроведуваше само вакцинација на подмладокот – нагласува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.