Брус Ли починал од сончаница, не од оток на мозокот?

899

Американскиот новинар Метју Поли во својата нова книга „Брус Ли: Живот“, тврди дека мајсторот на боречките вештини и холивудска ѕвезда Брус Ли, всушност починал од сончаница, а на од отоци на мозокот како што било наведено во обдукцијата.

Брус Ли почина во 1973 година, на 32 години. „Фокс њуз“ бележи дека новинарот Поли за потребите за пишување на книгата за Ли интервјуирал повеќе од 100 луѓе што биле поврзани со мајсторот на боречки вештини. Меѓу останатите, Метју Поли разговарал и со вдовицата на Ли, Линда Ли Кадвел (73) и со неговата ќерка Шенон Ли (49).

И додека официјалната причина за смртта на Ли е наведена во извештајот од неговата аутопсија како едем, веројатно предизвикан од чувствителност на лек, Поли се сомнева дека вистинската причина за смртта била сончаница.

– За да ја разберете смртта на Ли, мора да знаете дека неколку седмици пред да почине, колабирал и речиси умрел од истата работа. На 10 мај 1973 година, тој влегол во мала просторија за снимање на тон. Тоа бил еден од најтоплите денови во месецот. Тонските сниматели ја изгаснале климата за да не ги расипат снимките. На Ли веднаш му станало топло и почнало да му се врти. Излегол од собата и колабирал на земја. Станал и се вратил во загреаната соба, каде што повторно колабирал и почнал да се грчи. Кога го пренеле во болница, лекарите се посомневале дека мозокот му отекол и неговиот прв пад изгледал точно како сончаница – ја објаснил Поли својата теорија за „Фокс њуз“.

Кадвел за „Лос Анџелес тајмс“ во 1998 година рекла дека Ли починал од отекување на мозокот поради реакција на состојка на лек, меѓутоа Поли тврди дека Ли во Хонгконг доживеал сончев удар.

– Кога почина, кружеа многу теории. Некои велеа дека е отруен, дека нинџите го докрајчиле и дека некој го убил со смртоносен потег. Нема докази дека нешто е забошотено. Мојот заклучок е сончаница. Таа често убива млади атлетски градени момчиња – рекол Поли.

Поли дури тврди дека Брус Ли, неколку месеци пред инцидентот во тонското студио, бил подложен на хируршко отстранување на потните жлезди во пазувите.

– Не мислеше дека тие изгледаат добро на екран. Негова работа беше да изгледа добро на екраните. Но, тоа може му го отежнувало намалувањето на температурата на телото – додал новинарот Поли.

Новинарот за книгата ја интервјуирал и актерката Бети Тинг Пеи (71), последната личност што го видела Ли жив и која наводно му го понудила лекот по кој Ли се пожалил на главоболка.

– Ми рече дека тој бил љубовта на нејзиниот живот. Нивната афера траеше најдолго и мислам дека неговата смрт страшно ја погодила. Кога разговарав со неа, почувствував дека сè уште го сака како некогаш – рекол Поли.

Кадвел се уште нема реакција за книгата на Метју Поли, но во своите мемоари навела дека постоела можност дека Ли бил неверен.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...