Бродвејскиот мјузикл „Ени Јуниор“ во Филхармонија

Учесниците во мјузиклот се на возраст од осум до шеснаесет години, а главните улоги ги толкуваат Неда Димкова како Ени, Магдалена Алексовска како г-ца Хениген, Лара Иванова како Грејс Фарел и Симеон Коруноски како Оливер Ворбакс. Мјузиклот е инспириран од популарниот стрип на Харолд Греј – ,,Малото сираче Ени“, а во Бродвеј е изведен над 2.000 пати.

162

Мјузиклот „Ени Јуниор“, кој првпат беше изведен на сцената на Бродвеј во 1977 година, во преработка на македонски јазик, на 23 декември ќе биде одигран во Филхармонија.

Учесниците во мјузиклот се на возраст од осум до шеснаесет години, а главните улоги ги толкуваат Неда Димкова како Ени, Магдалена Алексовска како г-ца Хениген, Лара Иванова како Грејс Фарел и Симеон Коруноски како Оливер Ворбакс.

Мјузиклот „Ени Јуниор“ е инспириран од популарниот стрип на Харолд Греј – ,,Малото сираче Ени“, а на сцената во Бродвеј е изведен над 2.000 пати.

„Ени Јуниор“ е проект на Здружението за инклузивно и неформално образование „КРЕО-АКСИС“, што се спроведе под водство на Наташа Лалчевска, музички педагог и хорски диргент.

Лалческа за МИА изјави дека одлучиле токму пред Нова година повторно да биде одигран „Ени Јуниор“ со цел на публиката во овој убав период да и се пренесе моќната порака што ја носи мјузиклот – „во срцето чувајте го семејството, во мислите визијата за подобро утре и секогаш бидете дотерани со убава насмевка“.

– Приказната за Ени се случува во триесетите години во Њујорк, за време на големата економска криза, позната како Големата Депресија. Уште како бебе, родителите ја оставиле Ени пред портите на сиропиталиштето, со писмо во кое и ветуваат дека еден ден ќе се вратат по неа. Тешкиот живот на сирачињата во домот дополнително им го загрозува строгата воспитувачка г-ца Хениген. Но, шармантната и досетлива Ени ќе успее да си најде свој дом во семејството на милијардерот Оливер Ворбакс, ја раскажа Лалческа приказната од мјузиклот.

Во повеќемесечните подготовки на проектот активно беше вклучена кореографката Биљана Стојановска-Трајковска, која со учесниците работеше на танцовите движења автентични за музиката од 30-тите години на минатиот век, младиот актер Радо Алексовски кој работеше со ансамблот на актерска игра, сценски говор со техника на глас, сценски движења, координација, градење лик и поставување мизансцена, додека препевот го направи авторката Весна Малинова Бабамов.

Составен дел од мјузиклот се и двата проекти „Подари карта за другарче”, што подразбира да купите карта за дечињата и штитениците на здруженијата „Проект Среќа” и „Дајте ни крилја”, како и за дечињата од малите групни домови, по цена од 300 денари и да му овозможите на некое непознато другарче да присуствува на овој предновогодишен настан и „Подари книга за другарче”, што подразбира да ја донирате Вашата омилена книга на самиот настан, споделувајќи мудрост со дечињата од ранливите категории. Книгите ќе можете да ги оставите во фоајето на Филхармонија, на обележаното место.

Проектот е поддржан од претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...