Граѓаните на Велика Британија денеска по третпат во последните шест години гласаат на парламентарни избори, а и овој пат, покрај изборот на нова владејачка партија, одлучуваат и како, кога и дали воопшто нивната земја ќе излезе од Европската унија.
Право на глас во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат 46 милиони гласачи, кои ќе решат кој ќе влезе во Долниот дом на Парламентот, во кој има 650 пратеници.
Изборите би можеле да бидат и пресвртница за актуелниот премиер Борис Џонсон, претседател на Конзервативната партија, кој доколку ја загуби власта, ќе стане премиер со најкус стаж во Даунинг стрит 10, каде се всели во јули годинава.
Неговите конзервативци се на власт веќе девет години и во моментов имаат 298 места во Долниот дом, а Џонсон изјави дека доколку освои мнозинство, тој ќе го заврши процесот за излез од ЕУ, односно Брегзит, кој е одложен до 31 јануари.
Опозициската Лабуристичка партија на Џереми Корбин моментално има 243 места и на овие избори ќе се обиде да се врати во Кабинетот, првпат после 2010 година.
Во нивниот фокус се плановите повеќе пари да се издвојат за здравствена заштита, образование и социјална заштита, но и клучните индустриски гранки, како и да се обезбеди пристап до бесплатен интернет.
Шкотската народна партија има 35 места во парламентот, и таа е против напуштање на Унијата и сака Шкотска да излезе од Велика Британија и како независна држава да остане членка на Европската унија.
Либералните демократи, кои сакаат Брегзит целосно да се откаже, имаат 20 места во парламентот.
На овие избори за првпат заедно излегуваат и три помали партии кои се за ЕУ – Либерално демократската, Зелените и Велшката партија Плаид Кимру кои се обврзаа дека нема да се кандидираат едни против други за да освојат што е можно повеќе гласови.
Локалните медиуми објавија дека повеќе од 70 пратеници не се кандидирале повторно, а своите одлики ги образложиле со „токсичната политичка атмосфера“ поради Брегзит.
Согласно британските закони, максималната сума што една политичката партија може да ја потроши за рекламирање, трошоци за кампања и други трошоци е 19,5 милиони фунти, или 30 000 фунти по пратеничко место.
Според долгогодишна традиција, парламентарните избори обично се закажуваат во пролетни месеци, поради лошото време, па така денешното гласање е прво во декември после 96 години.
Партијата што ќе освои мнозинство може да формира влада со премиер од таа партија. Ако ниту една партија не успее, по правило, партијата со најмногу освоени места се обидува да формира малцинска влада, а третата опција е партиските лидери да се договорат и да формираат коалиција.