Британскиот Врховен суд денеска ја отфрли жалбата на Владата во Лондон на одлуката на пониска судска инстанца со која се дозволува Судот на ЕУ да може да се прозинесе околу правото на Велика Британија за еднострано напуштање на Унијата.
Судот на ЕУ на 27 ноември треба да го разгледа барањето околу правото на Велика Британија за еднострано истапување од ЕУ, согласно одредбите од член 50 од Договорот на Унијата.
Иницијативата ја покренаа група британски политичари, кои се противат на Брегзит, со барање Судот на ЕУ да реши дали Велика Британија има право да ја напушти Унијата без согласност на останатите земји членки на блокот.
Тие се надеваат дека при евентуална позитивна одлука на Европскиот суд по нивната иницијатива, Велика Британија ќе остане дел од ЕУ.
Владата во Лондон се обиде да ја спречи ваквата можност, поднесувајќи барање до британски суд да оцени дали Судот на ЕУ може да го оспорува правото на Велика Британија за еднострано напуштање на Унијата.
Овој Суд пресуди дека Европскиот суд има надлежност да се произнесе по иницијативата на британските противници на Брегзит, по што Владата поднесе жалба до Врховниот суд на Велика Британија.