Британката што падна од крузерот во Јадран, пиела пред да падне

Крузер Eкипажот на бродот на Крајбрежната стража ја пронашол Кеј во неделата наутро околу 9:40 дури 60 наутички милји од Пула, односно 1,3 километри од местото каде што паднала од крузерот.

411

Британката што падна од крузерот „Норвешка ѕвезда“ во саботата околу полноќ, 95 километри од брегот на Хрватска, имаше среќа да преживее десет часа во водите на Јадранот пред да биде спасена.

– Паднав преку палубата од бродот. Бев во вода 10 часа. Среќна сум што сум жива. Овие прекрасни момчиња ме спасија – рекла малку зашеметената и возбудена Британка додека се симнувала од бродот што ја довел во пулското пристаниште.

По драматичната ноќ, Британката со насмевка на лицето му се заблагодарила на екипажот на „Цавтат“, па во придружба на медицинскиот персонал влегла во возилото за Итна помош.

Пиела, па паднала?
Како што дознава „Дејли мејл“, 46-годишната стјуардеса Кеј Лонгстаф, која претходно работела за „Вирџин Атлантик“, а во моментот работи на приватни летови, претходно пиела со пријателите.

– Слушнавме дека беше сама во кабината, но дека патувала со семејството и пријателите. Тие го алармирале екипажот кога забележале дека исчезнала. Бродот сврте назад околу два часот наутро до местото каде што паднала – изјавил за британските медиуми еден од патниците на крузерот „Норвешка ѕвезда“.

-Ни рекоа дека ја оставила својата чанта, во која се наоѓал и нејзиниот пасош, на палубата, а целиот инцидент го забележала надзорната камера. Изгледа дека таа вечер пиела- објаснил патникот.

 1,3 километри оддалеченост
Крузерот требало во Венеција да пристигне околу осум часот наутро, но не дошол дури ни попладнето поради инцидентот.

– Околу осум часот наутро капетанот нѐ информираше дека поаѓаме за Венеција, а дека потрагата по неа ќе ја продолжи Крајбрежната стража – рекла една од патничките на крузерот.

За среќа, екипажот на бродот на Крајбрежната стража ја пронашол Кеј во неделата наутро околу 9.40 дури 60 наутички милји од Пула, односно 1,3 километри од местото каде што паднала во морето од крузерот „Норвешка ѕвезда“.

– Несреќната жена прв ја забележа член на екипажот во моментот кога со краен напор ја кренала раката и мавтала. Како што самата наведе, во еден момент го забележала авионот на Крајбрежната стража, мавтала со рацете, но безуспешно – изјавил полковникот Делиќ.

Британката била малку смрзната, дехидрирана, исцрпена и изгладнета, но не се жалела на болки ниту, пак, била повредена. Таа била пренесена во болница во Пула, но пуштена набрзо потоа.

– Вистинско чудо е тоа што преживеа. На крузерот мислеа дека не преживеала. Очигледно е во добра кондиција. Ни рече дека вежба јога и дека плутајќи во морето цело време пеела и пливала за да не и падне температурата на телото и да остане будна – изјавил командантот на бродот „Цавтат“ кој ја спасил Британката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...