Пензионерот Џон Харви (73) од Свонси, Велика Британија, за пет години 314 пати непотребно го повикал бројот на Итна помош, со што направил трошок од 50.000 фунти, па заработи 20 месеци казна затвор, јави „Дејли Мејл“.
Притоа, службите залудно потрошиле 320 часа, за да му помогнат. Тужителката Хелен Рендал наведе и случај што потполно здравиот Џон го инсценирал и со лажни повреди убедил двајца случајни минувачи на улица, да се јават на Итна помош.
– Бројките се шокантни. Поради Вас потрошивме 50.000 фунти наменети за луѓе на кои навистина им треба помош. Сите сме свесни за тоа дека барањето здравствени услуги е огромно, а Вие со ова однесување ги доведувате во опасност животите на другите луѓе – рече судијата, обраќајќи се кон обвинетиот.
Старецот ја признал вината, а судијата заклучи дека тој тоа најверојатно „го прави од чиста злоба“.