Во романтичниот амбиент на струшкото село Радожда, веќе десетина дена престојува екипата на Патувачкото кино „Македокс“, кое годинава организира осум проекции на документарни филмови во исто толку села од струшката околина.
– Екипата брои 30-на членови кои функционираат во зависност од проектите, а на Патувачкото кино секоја година се вклучуваат тие што се слободни, бидејќи ова го правиме на ентузијастичка база – ни објаснува Бранд Ферро, продуцент на „Македокс“ и професионален филмски снимател.
Од година в година, оваа екипа станува сѐ побројна. Им се придружуваат луѓе кои сакаат да бидат дел од несекојдневното искуство на работа во природа, запознавање со локалните жители на селото во кое престојуваат, но и со селаните од селата кои ги посетуваат и на кои им носат културна забава во вечерните часови преку проекција на документарен филм. Обично, тоа дружење со селаните, не почнува и не завршува само со проекцијата на филмот, туку продолжува со муабети, понекогаш со заедничко готвење или со организирање игри за нивните деца. А, и повеќето членови на екипата на Патувачкото кино, тука се со своите деца.
Откако во 2010 година почнале со Патувачкото кино, ја прокрстареле цела Македонија, но заклучиле дека ваквото патување е напорно. Така, веќе од следната година почнале да одат по региони. Одбираат една база кадешто се сместуваат, а најчесто тоа е манастир или училишен интернат, бидејќи, како што велат, средствата не им дозволуваат да плаќаат сместување во хотели. Обично посетуваат од седум до десет села во периодот дефиниран за Патувачкото кино.
– Во оние села кадешто нема услови за претходни договори, одиме како да сме циркус. Доаѓаме околу пет часот попладне, со мегафон најавуваме дека ќе има проекција, а селаните се собираат. Некогаш и ни помагаат да ја поставиме техниката – вели Ферро.
Но, не секогаш екипата имала само пријатни искуства. Се случувало да бидат и речиси протерани.
– Ни се случувало да дојдеме во некое село и жителите да почнат да нѐ бркаат или да нѐ прашуваат од која партија сме и кој нѐ плаќа. Им објаснуваме дека имаме културна мисија, но некои селани тоа тешко го разбираат. Еднаш сакаа да ни го скршат проекторот – раскажува Ферро.
Најдобро „поминуваат“ старите македонски филмови
Селекцијата на документарни филмови предвидени за проекција вклучува долгометражни и крати креативни филмови со авторски печат. Но, искуството ги научило дека најполезно е да „пуштаат“ филмови од нашата околина, на јазици коишто ги разбираат луѓето, а најдобро поминуваат старите македонски кратки документарни филмови. Бидејќи, повеќето од жителите на селата кои ги посетуваат, не се навикнати да читаат титлуван превод.
– Одиме во села кадешто никогаш немало проекција на филм, повеќето луѓе што доаѓаат на проекциите не погледнале филм на големо платно – објаснува Бранд Ферро.
Затоа изборот за филм го прават за конкретниот регион, но и на „лице место“ во зависност од публиката која е присутна.
– Претежно, во рурална Македонија, луѓето не се навикнати воопшто да гледаат било каков филм. Цел ден работат на нивите, а кога се враќаат доцна дома, не се подготвени за ваква активност – објаснува Петра Селишкар, селекторка на филмската програма на „Македокс“, и додава дека од село до село искуствата се различни.
На пример, едно село има доста гастербајтери што подобро го разбираат германскиот отколку македонскиот јазик, а во друго село пак, повеќето од жителите не можат да читаат. Накусо, секое село е своја приказна.
Идејата на Патувачкото кино не е само да се децентрализираат културните настани од големите градови, туку и подобро да се запознаат меѓусебе руралното и урбаното население. Тој бенефит на крај резултира и со духовна и со материјална размена. А ваквите контакти со селаните остануваат и по завршувањето на Патувачкото кино.
– И луѓето кои патуваат со нас, кои доаѓаат од големите градови, си разменуваат контакти со селаните. Селаните произведуваат прекрасни домашни производи, па многу често, од Скопје, нарачуваме од нивните производи, од сирење до риба, јајца и што ли уште не – вели Ферро.
Еко „чистка“ на крајбрежјето
Од минатата година во рамките на „Македокс“, но како посебен сегмент, постои школата „Докуникулци“, наменета за тинејџери на возраст од 13 до 19 години кои сакаат да научат како се прави креативен документарен филм.
– Школата трае цела година, а почнува на Патувачкото кино. Тука доаѓаат талентирани деца од цела Македонија и една недела работиме на нивните идеи. На крајот, одбираме три идеи за филмови, на кои, потоа, децата работат цела година, заедно со своите ментори – вели Ферро.
Во ова школо, таканаречените млади никулци учат како се структуира документарна приказна, како се води нарација па сѐ до конечно креирање на документарен филм. Лани биле направени три одлични филмови на многу храбри теми. Очекувањата се дека овие филмови ќе патуваат по интернационалните филмски фестивали. А, скопската публика ќе има можност да ги види на фестивалот „Македокс“, во август оваа година.
Со оглед на тоа што со младите никулци работат во природа, екипата на Патувачкото кино одлучила да се зафати и со чистење на околината, и тоа поаѓајќи од Радожда, до кампот „Треска“ и надолу, кон кампот „Ливадишта“. Доколку добијат поголема поддршка од локалните доброволци, планираат да исчистат подобар дел од крајбрежјето до Струга.