Бојаџиев: Се радувам на настапот во Филхармонија

174

По речиси две години пауза се враќам во Македонија со два целовечерни концертни настапи и огромна радост ми причинува што за првпат ќе настапам во новиот објект на Македонската филхармонија, рече Дуке Бојаџиев на денешната прес конференција по повод престојните два концерти со наслов „Сон Верба Љубов“, кои ќе се одржат утревечер на 11 мај со почеток во 19.30 часот и во сабота на 12 мај во истиот термин во новиот објект на Македонската филхармонија.

– Музичкиот тим кој стои зад мене, не се само мои долгогодишни соработници, туку и пријатели чиј професионален багаж бескрајно го ценам. На мое огромно задоволство за првпат со мене ќе настапува и мојата долгогодишна пријателка Тијана. На програмата ќе биде дел од мојот авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов, како и дел од моето поново филмско творештво- вели Бојаџиев.

На средбата присуствуваше и дел од музичкиот креативен тим кој ќе настапи со него, како специјалната гостинка на концертот, пеачката Тијана Дапчевиќ, Исмаил Лумановски кој ќе настапи на својот кларинет, Костас Анастасиадис на тапани и Мартин Ѓаконовски на контрабас.

– Искрено, немаме оправдување и двајцата, ниту покритие зошто досега немаме настапено заедно на концерт во живо. Другаруваме од кога паметиме за себе, но ете ова ќе биде наш прв официјален настап заедно пред публика и превозбудена сум што сум дел од еден ваков музички тим. Дуке навистина ме почести со поканата да бидам негова специјална гостинка на концертот – изјави Тијана.

Покрај нив на сцената ќе настапат и актерката Наташа Петровиќ како вокал и нарација и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...