Бошњаковски: Нема одлука за „Иловица“ до усогласување на сите страни

Граѓаните се против изградбата на рудникот за бакар и злато и бараат одземање на концесијата.

93

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека нема да биде донесена никаква одлука за рудникот „Иловица“ се додека не се усогласат ставовите на сите засегнати страни.

Одговарајќи на новинарско прашање по редовната прес-конференција во Владата, Бошњаковски истакна дека Владата нема да направи ништо на штета на граѓаните.

– Владата е во постојана комуникација со сите засеганти страни, вклучително и со инвеститорот и со граѓаните од регионот. На последната средба во Струмица се утврдија сите наредни чекори. Ништо нема да се одлучи во однос на рудникот „Иловица“ без да се постигне заедничка согласност на сите страни. Во овој момент се работи на тој процес – рече Бошњаковски.

Граѓаните се против изградбата на рудникот за бакар и злато и бараат одземање на концесијата. Тие минатата недела со двочасовна блокада на крстосницата на влезот во Струмица од правците на Валандово и граничниот премин Ново Село го искажаа своето незадоволство од изградбата на рудникот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...