Босанската компанија „Енергоинвест“ и хрватската компанија „Кончар“ ќе ги градат новиот 400-киловолтен интерконективен далекувод со кој земјава ќе се поврзе со Албанија и новата 400/110 киловотна трафостаница во Охрид. Двата проекта МЕПСО ќе го чинат вкупно 35 милиони евра.
Парите се обезбедени со кредит од ЕБОР и грант на Инвестицискиот фонд на Запден Балкан.
– Интерконективниот далекуводот кој ќе ги поврзе електропреносните системи на земјава со Албанија ќе го изведува босанската компанија „Енергоинвест“. За реализација на овој проект се обезбедени пари во износ од 17,22 милиони евра од ЕБОР. Новата трафостаница во Охрид и проширувањето на трафостаницата Битола два ќе ја гради компанијата „Кончар“ од Загреб. Ќе чини 16,95 милиони евра од ЕБОР – информира генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева по потпишувањето на договорите со двете компании.
Далекуводот, како што рече Шулева, ќе биде прво поврзување на енергетските системи на земјава и Албанија и ќе биде ставен во функција Коридорот 8, додека пак новата трансформаторска станица во Охрид ќе обезбеди квалитетна електрична енергија во наредните 30 години.
– Нашата задача е во континуитет да обезбедуваме доверлив и стабилен систем, баланс меѓу потрошувачката и производството на електрична енергија во секој момент. И тоа да го усогласуваме со соседните систем-оператори. Регионалното поврзување на електропреносните системи е долгорочен стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност – основа за секоја просперитетна економија. Нашата работа е токму тоа рече Шуклева.