Именуваниот шеф на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел своето прво обраќање пред Европскиот Парламент го започна со Западен Балкан.
– На самиот почеток сакам да ја изразам својата намера да се ангажирам на реформите и процесот на интеграции на Западен Балкан – изјави Борел.
Тој посочи дека доколку биде потврден на таа функција, освен на Западен Балкан ќе се фокусира и на поддршка на територијалниот интегритет на Украина, понатамошно развивање стратегија за Африка и Азија, јакнење на односите со Латинска Америка и обновување на трансатлантските односи со САД.
Пред да биде потврден на функцијата шеф на дипломатија на ЕУ и потпретседател на Еврокомисијата, Борел ќе мора да го мине сослушувањето пред Надворешнополитичката комисија и да одговори на пратеничките прашања кое се однесуваат на неговото знаење и способност да ја води надворешната политика на Унијата.
Во обраќањето пред Надворешнополитичката комисија, Борел истакна дека ЕУ го поседува неопходното за соочување на се поголемите предизвици во глобалната политика.
– ЕУ ја има најдобрата комбинација во светот, која подразбира политичка слобода, економски просперитет и социјална кохезија – потенцираше Борел.
Фото: EPA/STEPHANIE LECOCQ