Со повисока продуктивност и повисоки плати, странските инвеститори во земјава ќе се обидат да ги задржат работниците да не емигрираат во Германија, откако оваа земја најави олеснети услови за влез на работници од Западен Балкан.
Проблемот, како што беше речено на денешната прес-конференција, е тоа што македонските работници сакаат да работат во Германија поради високите плати, но и тоа што германските компании сакаат да инвестираат во Македонија поради добрите услови и евтината работна сила.
– Со тоа имаме конфликт на интереси на германските компании во Германија и германските инвестиори во земјава. Имаме обострано задоволство на германските компании што ќе добијат работници и на овдешните компании дека ќе им останат работници бидејќи се ангажираат да ја зголемат продуктивноста која ќе овозможи повисоки плати. Целта е да се направат попривлечни работните места во земјата за да нема одлив – вели Ото Граф, заменик-амбасадор во Амбасадата на Германија во земјава на денешната прес конференција.
Според него, сега на германските компании им е потребна работна рака која е со најниско образование, но работниците кои одат на работа во Германија треба да имаат на ум дека и трошоците за живот таму се повисоки.
– Постојат две страни на медалјонот одењето во Германија. Од една страна собрите услови за работа , а од друга страна високите трошоци на живот таму. Работници кои се иселиел од Македонија реагираат дека таму имаат високи трошоци на пример за градинка и друго. Овде во Северна Македонија германските инвеститори, пак, нудат на пример пакает на услуги на пример проширено здравствено осигурување со приватен сектор, но и плаќаат патни трошоци и друго – вели Граф.
Од Стопанската комора, пак, велат дека условите за работа во земјава се подобруваат, а младите кои имаат намера да мигрираат треба да знаат дека и во другите земји не се сјајни условите за работа.
– Тоа го покажуваат примерите на враќање на работници од одредени земји со образложение дека не биле задоволни од условите што им се даваат таму или поради повисоките трошоци за живот. Од страна на домашните компании се предложени повеќе мерки за задржување на кадарот, почнувајќи од јакнење на свеста за тоа дека со средно-стручно образование може да се најде добра работа, па се до подобрување на условите за работа – вели Елена Милевска-Штрбевска од Комората.
Оттаму сметаат дека дуалното образование во средните стручни училишта е една од мерките која на долг рок ќе даде резултати.
Во однос на трговската размена меѓу двете земји, беше речено, дека Германија е партнер број еден на земјава, но има и дополнитлени можности за зголемување на соработката.