Стопанската комора во соработка со хрватската агенцијата за кредитен рејтинг „Coface“ разви интернет алатка преку која на бизнисмените од земјава им обезбедува информации за бонитетот на компании во 200 земји во светот.
Од Комората велат дека ваквите информации се посебно важни за бизнисмените кои извезуваат производи во ЕУ каде што завршуваат 70 отсто од македонските производи. Тие можат да ги проверат своите деловни партнери бидејќи системот обезбедува информации за над 12 милиони компании од Централна и Источна Европа.
– Бонитетниот извештај може да претставува голема помош за македонските компании, имајќи го предвид фактот дека само во земјите членки на Европска унија има регистрирано 20 милиони компании. 99 отсто од нив се мали и средни фирми. Овие компании придонесуваат во вкупниот домашен производ на ЕУ со 75 отсто и обезбедуваат преку 80 милиони работни места – изјави на денешната прес конференција Валентина Цветковска од Комората.
Според неа, бизнисмените со овие извештаи добиваат сигурен извор на информации на моменталните и идните деловни партнери како и за конкурентите.
– Извештајот може да им помогне тие да формираат мислење за деловноста, профитабилноста и стабилноста на потенцијалните компании партнери. Исто така добиваат и финансиски извештај, што опфаќа двегодишна анализа на компанијата, истакнувајќи ги клучните показатели на бизнис насоката за дадениот период. Покрај тоа, во рамките на бонитетниот извештај, се дава и информација за кредитниот рејтинг што овозможува проценка на ризикот на соработката со компанијата што е предмет на анализа како и информации за плаќања и максимално препорачани кредитни лимити на компанијата за која сакаат да дознаат повеќе информации – рече Цветковска.
Цената на овие извештаи се движи од 50 до 120 евра зависно од тоа што се бара и од која земја се добива информацијата.
Во рамки на обезбедувањето информации за компаниите, Стопанската комора дава и сертификат за деловно работење на успешниоте компании „Excellent SME MACEDONIA“ што пак е гаранција дека тие се успешни компании, а нивните извештаи за работење се достапни за компаниите во земјите каде што мрежата ги нуди своите информации.
– Сертификатот можат да го добијат микро, мали и средни комании, според број на вработени, кои остваруваат над 25.000 евра годишен промет и чија оцена е минимум шест за финансиското работење за последните три години, според рејтингот на „Coface“ – појасни Цветковска.
Со алатките, велат од Стопанската комора, компаниите добиваат сигурност и гаранција за рејтингот на странската компанија, обезбедувајќи на тој начин стабилен потенцијален партнер во услови на развивање на извозната мрежа на своето производство.