„Бомбите“ не смеат да бидат докази и – точка!

Ако биде донесена револуционерна одлука сите луѓе кои ги сметаме за „криминалци“ да ги елиминираме, има едноставен начин тоа да се стори - ќе ги построиме на Водњанска и сите ќе ги згазиме со камион. Но, со камион може само на улица. Не во судница.

5281

Провокацијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски успеа. Тој ја оспори Катица Јанева на позицијата шеф на Специјалното јавно обвинителство, а премиерот Зоран Заев, кој очигледно е сѐ полошо и полошо советуван (намерно?), веднаш се изјасни дека има доверба во целиот тим на СЈО, потврдувајќи ги така, за жал, можеби неоснованите шпекулации дека тој и Јанева заеднички ги контролираат истрагите и судките постапки покренати по иницијатива на ова обвинителство.

И така, расправата ја доби вообичаената површност и традиционалната или трагичната (кој како чита) фолклорна димензија – кој ја сака и кој ја мрази Катица и кој е вљубен или кој ѝ љубомори на Фатиме. Впрочем, како што често пишувам, персоналниот состав на СЈО од самиот почеток се третира како естрадна група и природно е што политичката дебата од расправа за системски прашања се сведува на ниво на една простачка атака и уште попростачка апологија на „трите грации“.

А клучното прашање што мора да се расчисти, покрај продолжувањето на мандатот на СЈО и неговото вкалапување во системот на контрола на власта (без што оваа чир-институција допрва ќе добива карактеристики на прек суд), е третманот на нелегално обезбедните аудио-снимки, кои во досегашните постапки беа прифатени како докази. Понекогаш, да не речам и почесто, во отсуство на други докази, овие снимки беа третирани и како крунски докази, врз основа на кои паднаа и првите пресуди.

Секој човек што има минимум познавања на правото ќе ви каже дека никој, во принцип, не смее да биде суден и осуден врз основа на нелегално прибавени докази. Во таа смисла, снимките, или „бомбите“, како што ги нарекувавме, мораше да бидат третирани само како индиции врз основа на кои ќе се поведуваат истраги и ќе се обезбедуваат „цврсти“ докази. За жал, неодговорната власт и егзалтираната јавност ги прифатија „бомбите“ како докази со кои може слободно и мериторно да се „разнесе“ нечија судбина.

Е тоа така веќе не смее да биде! Тоа е спротивно на сите правни принципи. Европа таква „правда“ не познава и не признава. Во иднина, снимките мора да бидат само индиции, а СЈО не смее и нив и сознанијата добиени од истрагите да ги споделува со јавноста (со одбрана група новинари), со цел обвинетите да ги „суди“ во медиумите и на социјалните мрежи. Таа досегашна пракса еден ден мора да биде основ за поништување на пресудите, поради компромитација на постапките. Да, новинарите ќе известуваат екстензивно за овие процеси, но од судница – не од брифинзите на СЈО!

Очекувам, се разбира, овој коментар, како и другите што ги пишувам на оваа тема, да се доживее како напад врз Катица и врз Фатиме и како „одбрана на криминалците“. Одговорив веќе на овие малоумни подметнувања. Ако биде донесена револуционерна одлука сите луѓе кои ги сметаме за „криминалци“ да ги елиминираме, има едноставен начин тоа да се стори – ќе ги построиме на Водњанска и сите ќе ги згазиме со камион. Но, со камион може само на улица. Не во судница.

Кој тоа го сфаќа, има право со мене на оваа тема мериторно да полемизира. Сите други критики ги рубрицирам во рубриката „Ма кој ве е.., будали едни!“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...