Турскиот театар-Скопје утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Бог на масакрот“, според истоимениот текст на Јасмина Реза, во режија на Билге Емин.
Текстот на француската драмска авторка Реза е објавен во 2006 година и оттогаш е често поставуван на сцените низ светот, а пред осум години доби и филмска верзија во режија на Роман Полански.
Режисерката Емин на прес-конференција денеска истакна дека се работи за важен текст за светската модерна драматургија во кој, како што рече, допрела две теми – дивјаштвото и надменоста. Претставата има четири лика на две двојки родители кои треба да решат проблем по тепачка на нивните деца. Родителите на повреденото дете ја почнуваат средбата мирно и цивилизирано, но развојот на разговорот почнува да ја одразува несреќата на секој одделен лик и нивната средба е осудена на пропаст и завршува со диввјаштво. Нивната учтивост е, всушност, само надворешен слој под кој се откриваат нивните вистински лица и ега.
– Без оглед колку човекот се обидува да излезе од системот, системот го привлекува. Не можете да се спротивставите на системот. Во мигот кога ќе се спротивставиш, твојот „бог на дивјаштвото“ ќе биде уништен од неговиот „бог на дивјаштвото“. Важно е дали да се држи чекор со системот или не. Дали да се постигне решение на проблемот или не. Сето тоа е определено од одлуките и изборот на поединецот – смета режисерката Емин.
Таа подолг период работи во Турција, а ова и е трета соработка со ансамблот на Турски театар-Скопје. Нагласи дека овојпат задоволството ѝ е уште поголемо зашто работи со актери со кои е генерација, пријатели од детството.
Четворицата актери во претставата – Сузан Акбелге и Филиз Ахмет, кои настапуваат во ликовите на мајките, и Џенап Самет и Селпин Керим, кои ќе ги играат татковците, исто така се задоволни од процесот на работа. Велат дека имаат гледлива претстава со моќен дух.
– Претставата се работеше во еден здив и така и ќе се гледа. Стилот на Билге Емин е класичен театар во реален свет и нејзините претстави носат пораки и поуки – рече актерот Самет.
Сценографката Татјана Блажевска-Христоска соопшти дека сцената е во минималистички стил, со затворен простор што симболизира стеснетост и светлина за да ги засили внатрешните емоции. Костимографката Марија Пупучевска, пак, која често соработува со режисерката Емин, рече дека костимите се современи и ги дефинираат карактерите на ликовите.
„Бог на масакрот“ е трета и последна премиера на Турски театар-Скопје во оваа сезона. За септември најавија премиера на „Зад затворени врати“ од Жан Пол Сартр во режија на Џабир Доко која ќе биде и последна премиера на овој театар во 2019 година.