Богаташите се убедени дека ќе живеат 100 години

Повеќе од половина од богатите луѓе во светот очекуваат да доживеат сто години и речиси две третини планираат да работат подолго за да си обезбедат комотна старост, покажува едно истражување на компанијата УБС Инвестор воч.

127

Повеќе од половина од богатите луѓе во светот очекуваат да доживеат сто години и речиси две третини планираат да работат подолго за да си обезбедат комотна старост, покажува едно истражување на компанијата УБС Инвестор воч.

Компанијата, која следи повеќе од 5.000 луѓе во светот со имот од најмалку еден милион долари, констатира дека 90 отсто од нив го прилагодуваат своето трошење на очекуваната долговечност и инвестираат долгорочно, со цел да си обезбедат подобар живот во староста.

Според истражувањето, секој четврти испитаник во САД и Велика Британија вели дека не менува ништо во финансиска смисла, што укажува на пропусти во планирањето на пензионирањето во двете главни светски економии, додека расте очекуваниот животен век, особено меѓу најбогатите.

Резултатите покажуваат дека идните стогодишници треба да планираат за 30 до 40 години пензиониран живот, што значи создавање и задржување на богатството преку сите превирања на пазарот и одлучување како подобро да го распределат својот имот со наследниците.

– Идејата да се живее до 100 години би изгледала апсурдно до неодамна. Сега, тоа е предодредено да стане вообичаено нешто – изјавил Ник Такер од УБС велт менаџмент.

Изгледите за живеење подолго и пренесување на помало наследство на наследниците е она што загрижува 35 отсто од испитаниците, велат од УБС, додека 62 отсто изјавиле дека планираат да дадат повеќе од своето богатство додека се живи.

– Додека да заминете од овој свет, вашите деца најверојатно ќе бидат во своите 40-ти, 50-ти и 60-ти години од животот. Богатството можеби не е исто толку корисно во тој момент како кога биле помлади. Тоа е клучна причина што гледаме дека наследството се споделува порано, или се дава на внуците наместо на децата – објаснил Такер.

На темава, од „Блумберг“ забележаа: Можеби со пари не може да се купи љубов, но може да се купи подобро здравје… Во изминатите неколку децении, просечниот животен век е зголемен речиси насекаде во светот. Во Кина, САД и во најголемиот дел од Источна Европа, во просек се очекува еден човек да доживее седумдесет и кууср години, според Организацијата за економска соработка и развој. Луѓето во западна Европа и Јапонија, во меѓувреме, може да очекуваат да живеат до осумдесет и кусур години. Најбогатите, планираат да живеат многу подолго, односно две децении подолго од просечниот животен век.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...