БНС почна иницијатива за решање на статусот на Бошњаците во Србија

Иницијативата предвидува Санџак да може да стапи во меѓународни односи кога станува збор за научно-техничка соработка, културно-образовна, економска соработка „и во други области предвидени со оваа иницијатива”.

81

Бошњачкиот национален совет (БНВ), чиј претседател е Есад Џуџо, повикувајќи се на Законот за националните совети на малцинствата во Србија и на сопствените акти, почна „Иницијатива за решавање на статусот на Бошњаците и статусот на регионот Санџак” во Србија.

-Функциите на државната власт ќе се реализираат преку органите на Санџак и преку органите во општините во нејзиниот состав, освен во случаите предвидени со оваа иницијатива, се вели во соопштението објавено на официјалната веб страна на БНВ, со чија содржина се запознава „српската и меѓународна јавност, сите заинтересирани страни, ЕУ и Владата на Србија“.

Територијата на Санџак, според иницијативата на БНВ ги опфаќа општините Нови Пазар, Сјеница, Тутин, Приеполе, Нова Варош, Прибој, Плевља, Бијело Поље, Беране, Андријевица, Петњица, Гусиње, Плав и Рожаје.

-Контролата на границите на Санџак ќе ги вршат меѓународни сили кои ќе гарантираат целосна слобода на движење на луѓе и стоки, се наведува на интернет страницата на БНВ.

Иницијативата предвидува Санџак да може да стапи во меѓународни односи кога станува збор за научно-техничка соработка, културно-образовна, економска соработка „и во други области предвидени со оваа иницијатива”.

Правата и обврските на Санџак, според иницијативата, ќе бидат регулирани со „Уставот на Санџак”.

-Санџак е територијална политичка заедница на рамноправни граѓани и народи кои живеат во Санџак. На Албанците, Бошњаците, Србите и на Црногорците, со Уставот се признава статусот на конститутивни народи во Санџак, се наведува во Иницијативата.

Санџак ќе има демократски избрано Собрание, гувернер и Влада како носители на извршната власт, вклучувајќи и полицијата под нивна контрола и независно судство.

Првите избори за овие тела би се одржале под покровителство на ООН, Европската унија и ОБСЕ.

-Санџак трајно би се демилитаризирал под надзор на ОН и Европската унија, што ги обврзува органите на државната управа во рок од 30 дена од денот на формирањето на специјалниот статус за Санџак, да ги повлечат сите воени сили од територијата на Санџак, како и оние полициски сили кои ги надминуваат потребите на нормалните околности. Контрола на границите на Санџак ќе ги извршуваат меѓународни сили, се наведува во Иницијативата на Нациналниот совет на бошњачкото национално малцинство во Србија.

– По распаѓањето на поранешна СФРЈ, единствено бошњачкото прашање не е решено, а бошњачкиот народ полага право на своја национална држава, оценуваат во БНВ, повикувајќи се, меѓу другото, на референдумот од 1991 година кога граѓаните на Санџак се изјаснија за целосна политичка и територијална автономија на Санџак со право на приклучување на една од суверените републики.

Оваа иницијатива на БНВ наиде на остри реакции во српските медиуми и напади врз Сулејман Угљанин, долгогодишен претседател и одборник на БНВ и лидер на Странката за демократска акција на Санџак, за кого се смета дека од сенка раководи со Нациoналниот совет на бошњачкото национално малцинство во Србија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...