„Блумберг“: Власта во Венецуела се подготвува да изнесе 20 тони злато од земјата

250
foto MIA

Патнички авион на руска авиокомпанија слетал вчера во Каракас со цел да изнесе 20 тони злато од резервите на венецуелската Централна банка, напиша на Твитер пратеникот во Националното собрание на Венецуела, Хосе Гера.

Гера не изнесе докази за тоа, но, како што објави агенцијата „Блумберг“, тој во минатото бил економист во Централната банка и се уште одржува контакти со своите поранешни колеги.

Друг извор за „Блумберг“ потврдил дека банката планирала да изнесе 20 тони злато во вредност од 840 милиони долари, или речиси една петтина од златните резерви на Венецуела.

Информација дека авион „Боинг 777“ на руската компанија за чартер летови „Нордвинд“ вчера полетал од Москва кон Каракас објави и московскиот весник „Новаја Газета“. Според изданието, авионот полетал без патници и истиот ден слетал на меѓународниот аеродром во Каракас.

Официјални лица од „Нордвинд“, Министерството за финансии на Венецуела, како и Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, досега не дале коментари за обидот да се изнесе злато од Венецуела.

Лидерот на опозицијата во земјата, Хуан Гуаидо минатата недела се самопрогласи за привремен претседател на Венецуела. Тој го повика актуелниот претседател Николас Мадуро да распише претседателски избори.

Гуаидо веднаш беше поддржан од САД, Канада, ЕУ и повеќе земји од Јужна Америка, но Русија застана во одбрана на Мадуро и ги повика другите земји да не се мешаат во внатрешните работи на Венецуела.

САД одлучија да му дозволат на Гуаидо контрола врз капиталот и сметките на Венецуела во американските банки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...