Вкупно 8,95 милијарди денари е долгот на граѓаните и фирмите кон државата за даноци и придонеси. Споредено со претходната листа долгот е поголем за над 245 милиони денари, објави Управата за јавни приходи (УЈП).
Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8,79 милијарди денари, додека долгот за царински давачки е над 146 милиони денари.
Овие пари ги должат 1.937 правни лица и 2.524 физички лица.
Листа која секој месец ја објавува Управата за јавни приходи се однесува на долгови доспеани до 28.02.2018 и неплатени до 31.05.2019 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и повисок од 300.000 денари за правните лица.
На Листата има јавни, приватни компании, државни претпријатија и приватни лица кои се на неа подолг период, но и нови.
Компанијата 11 Октомври-Еурокомпозит, винарската визба Повардарие, Трансмет, но и скопската Општина Карпош, Македонската радио телевизија, јавното претпријатие Билјанини извори се меѓу должниците.