Благој Веселинов меѓу десетте најдобри млади актери во Европа

Ова е голем успех на Благој Веселинов, не само како признание на неговата досегашна работа, туку како отворање на широка врата за негова меѓународна кариера, а воедно и за Македонија кон светската кинематографија.

285

Македонскиот актер Благој Веселинов е официјален учесник во програмата „Европски филмски ѕвезди“ на претстојното 69-то издание на престижниот Берлински филмски фестивал 2019, соопштија од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Триесет и четиригодишниот Веселинов по тој повод ќе ја добие наградата „Шутинг старс“, што традиционално се доделува за време на Берлинскиот филмски фестивал, чие следно издание ќе се одржи од 7 до 17 февруари.

Со тоа, Веселинов официјално е одбран како еден од десетте најдобри млади европски актери, кои покрај тоа што ќе имаат чест да бидат јавно претставени на фестивалот како ѕвезди во подем, ќе бидат и дел од посебна платформа, која нуди единствена можност за остварување директни средби со кастинг директори, продуценти и воопшто со филмски професионалци од целиот свет. Ова е голем успех на Благој Веселинов, не само како признание на неговата досегашна работа, туку како отворање широка врата за негова меѓународна кариера, а воедно и за Македонија кон светската кинематографија.

Благој Веселинов е по потекло од Кочани, дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје и во прилог на неговата успешна кариера се повеќе од 50 театарски претстави и многубројни филмски улоги во краткометражни и долгометражни филмови, меѓу кои: „Исцелител“, „Како да ме нема“, „Панкот не е мртов“, „Балканот не е мртов“, „Година на мајмунот“, „Ослободување на Скопје“ и други.

Неговото последно актерско остварување, улогата на Веле во филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, е круцијално за жирито на Берлинскиот филмски фестивал да го одбере за учесник во програмата и да ја истакне својата импресионираност од неговата изведба на ликот каде што „мошне умешно покажува длабока и изненадувачка чувствителност, а истовремено иако многу суптилно, умно и контролирачки прави пресврт покажувајќи ја својата искрена врска со неговиот лик“.

Во рамките на оваа програма Македонија досега учествувала со две актерки – Лабина Митевска (1998) и Наташа Петровиќ (2011).

Во ова издание на Берлинскиот филмски фестивал член на жирито е и македонската режисерка Теона Стругар-Митевска, а покрај неа, членови на жирито што ги избра талентите годинава се: американската кастинг-директорка Ејви Кауфман, филмската критичарка Тара Карајица од Србија, продуцентот Макдара Келехер од Ирска и исландската актерка Ингвар Сигурдсон, „Европска филмска ѕвезда“ од 1999 година,.

Благој Веселинов како „Европска филмска ѕвезда“ е, всушност, уште едно големо признание во низата за филмот „Исцелител“, кој е и македонскиот кандидат за наградата „Оскар на полуларноста“ 2018 за филм од неанглиско говорно подрачје, која ја доделува Американската академијата за филмски уметности и науки.

Настанот „Европски филмски ѕвезди“, како дел од Берлинале годинава, по 22-ри пат по ред, ќе започне на 8 февруари, кулминирајќи со свечена церемонија на доделување на наградите во Берлинале паласт, на 11 февруари.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...