Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина бара решение за сместување на илегалните мигранти, но проблемот е во тоа што не постои договор помеѓу властите на БиХ и меѓународните организации што треба да финансираат вакви кампови, соопшти Министерството по повикот итно да се затвори пренатрупаниот и несоодветен камп Вучјак кај Бихаќ.
– За жал, локациите што досега се предложени претставниците на Европската унија ги оценија како неприфатливи и одбија да ги финансираат, наведувајќи ги како причина условите на теренот или тоа што земјиштето е приватно, се наведува во соопштението.
Откако ќе се понуди соодветна локација, Министерството за безбедност на БиХ, како што е наведено, ќе се координира со партнерските организации и ќе обезбеди сместување во новиот прифатен центар за лицата кои се наоѓаат во кампот Вучјак, но и за сите ново пристигнати мигранти.
Од Министерството додаваат дека се планира изградба на уште еден прифатен центар во околината на Сараево со цел Унско-санската жупанија да се ослободи од дополнителниот притисок на мигрантите.
Во Унско-санската жупанија има околу десет илјади мигранти во три кампа на подрачјето на Бихаќ и еден кај Велика Кладуша.
Министерството за безбедност на БиХ, сепак, предупредува дека решението не е во отворање нови сместувачки капацитети, туку во зајакнување на заштитата на границата со Србија и Црна Гора за да се спречат мигрантите да влегуваат во земјата, бидејќи не треба да се дозволи нивно масовно доаѓање.