Здружението „Но пасаран“ нека не прави заблуди кај исклучените од парно со повикување тие да ги доставуваат барањата за ослободување од плаќање фиксен износ во Регулаторната комисија за енергетика, оти да ги ослободи од плаќање паушал може само компанијата која ги снабдува со топлинска енерегија и таму треба да се достават барањата, реагира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски на повикот на „Но пасаран“ исклучените да ги доставуваат барањата до Регулаторната комисија.
– Вистинското место за поднесување на барањата се компаниите снабдувачи со топлинска енергија. Исклучените од парно треба да го пополнат формуларот што ќе им го дадат компаниите да покажат лична карта и да поднесат фотокопија на имотен лист и можат да бидат сигурни дека ќе бидат ослободени од плаќање паушал. Формуларот е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика и е во согласност до донесениот Правилник за снабдување со топлинска енергија – вели Бислимовски.
Тој појаснува дека ова се однесува за сите станови и деловни простории што се користат за сопствени потреби или се издаваат под кирија.
– Празните станови и деловни локали ќе продолжат да плаќаат фиксен надомест со што исправаме неправда кон сопствениците на другите станови и кон граѓаните кои и за празни станови плаќаа сметки за парно. Посебно е важно за нововселените згради каде што сите станови не се вселени. Фиксниот износ за парно за празните станови до нивната продаќба ќе го плаќаат инвеститорите – додава Бислимовски.
Тој појаснува и дека граѓаните можат да поднесат жалба до Регулаторната комисија, ако компаниите ги одбијат нивните барања за ослободување од плаќање паушален износ.
Здружението „Но Пасаран“ ги повика граѓаните да ги доставуваат барањата до Регулаторната комисија, наместо до БЕГ или топланата „Скопје север“.
– Ние ги насочивме граѓаните, оние кои што не сакаат да имаат работа со БЕГ и не сакаат своите лични податоци да ги остават во БЕГ, во Регулаторната комисија за енергетика. Регулаторна треба да работи според правилата кои што сама си ги донела. Треба овие барања да ги прими и да ги процесуира. Треба да ги извести снабдувачот, во овој случај БЕГ, и самите луѓе кои ги поднеле барањата дека повеќе нема да плаќаат – вели Маријан Ненов од Здружението „Но Пасаран”.
Досега до Регулаторната комисија се доставени 10 до 15 барања за ослободување од плаќање паушал.
– Барањата се примени во Регулаторната комисија, но на граѓаните им е објаснето каде точно треба да ги достават и кој е начинот за ослободување од плаќање паушал. Доколку граѓаните не се обратат во компаниите снабдувачи, тие си прават штета на сопствена сметка. За нив Регулаторната комисија не може да преземе одговорност бидејќи не може да донесе одлука за нивно ослободување – вели Бислимовски.
Од здружението, но и од регулаторната комисија потврдуваат дека на 30 април ќе имаат средба на која се надеваат дека ќе ги надминат разликите во толкувањето на законите и правилниците.