„Бикини Мун“ на Манчевски од денес во киносалите во Србија

144

Филмот „Бикини Мун“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски од 5 април ќе се најде на репертоарите на српските кино сали. Градовите во кои ќе се започне со кинодистрибуција се: Белград, Нови Сад и Крушевац.

Инаку Милчо Манчевски беше претседател на жирито на овогодинешниот белградски филмски фестивал ФЕСТ, на кој „Бикини Мун“ имаше своја премиера во Белград, а на истиот фестивал беше прикажан и филмот „Портрет на уметникот: Милчо Манчевски“ на режисерката Катерина Вражалиќ, која говори за него како автохтон уметник чии филмови се храбар исчекор од познатите клишеа.

„Бикини Мун“ е американски филм на Манчевски, сниман на локации во Њујорк. Приказната – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.

Светската премиера на филмот беше во Бразил на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Сан Хозе, Калифорнија (Синеквест), Белград и Софија. Следува Истанбул, каде проекциите се веќе распродадени, па Франкфурт, Нешвил, Менхетен.

Србија е втора земја каде што „Бикини Мун“ има редовна кино дистрибуција. Филмот е на редовен репертоар во Скопје во Градското кино Милениум, како и во 3Д Кино Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...