Над 60 отсто од компаниите во земјава имаат потреба од работна рака која би ја вработиле во текот на оваа и следната година, но на пазарот на трудот не можат да најдат соодветен кадар. Проблемот е уште поголем за компаниите бидејќи дел од невработените со високо образование не сакаат да работат на пониски работни позиции и избираат да седат дома наместо да работат за солидни плати. Дополнително на пазарот на трудот во земјава преовладува кадар без искуство, а компаниите бараат работници кои ќе можат директно да ги вклучат во производство.
Ова беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на која беше речено дека потребата за промена на образовната структура на кадарот и правилното насочување на државната поддршка за компаниите треба да бидат основа за решавање на проблемот.
Наташа Јаневска од Стопанската комора рече дека иако земјава статистички има стапка на невработеност од 17,5 отсто компаниите немаат соодветен избор на работници за работните позиции.
– Невработените претежно се од професии од општествените науки кои не можат да најдат работа на пазарот на труд и затоа се организираат преквалификации и доквалификации за да можеме да ги вклучиме во работните процеси. Исто така, тие со високо образование и навистина не сакаат да работат на пониски работни места иако платите што ги нудат компании се високи, па сепак не можат да најадат работници. Вие имате компаноии кои даваат 30.000 плата и не можат да најдат работници бидејќи невработените со високо образование сметаат дека многу им е подобро да седат дома и да не бараат работа отколку да прифатат пониско работно место – вели Јаневска.
Компаниите, вели Јаневска, во борбата за кадар се соочуваат и со одлив на веќе оспособениот кадар поради миграција во странство, но и со класично меѓусебно преземање на кадарот што предизвикува намалување на продуктивноста на компаниите.
Решение на проблемот се гледа во промена на структурата на образованието и правилно насочување на државната поддршка кон компаниите, но и со програмите за преквалификација и доквалификација.
Диркеторката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска смета дека оперативниот план за вработување годинава кој е усогласен со бизнисот ќе обезбеди вработување на 12.000 невработени кои треба да се вклучат во мерките за преквалификација и доквалификација, практикантство и малдински додаток, за што е планирани 1,4 милијарди денари.
Во оперативниот план, како што рече таа, се преземени 80 отсто од побарувањата на компаниите за одредени квалификации на кадарот што се бара.
– Од кадарот со високо образование се бараат програмери, машински инженери…Со средно и вишо образование потребни се технички оператор, техничари, машински техничари…Со средно стручно образование се бараат шивачи, продавач, возачи, магационери….додека со основно образование се бараат општи работници, работник на едноставни работи на утова претовар, хигиеничари… – рече Јовановска.
Јовановска потенцира дека компаниите бараат главно искусен кадар, односно кадар кој може да биде директно вклучен во производството.
– Затоа ние како Агенција предвидовме мерка за практична работа со што ќе им се даде можност на невработените преку работа кај познат работодавач да се стекнат со бараното искуство – рече Јовановска.
Таа рече дека при подготовка на оперативниот план за вработување за годинава се земени предвид барањата на бизнисот, како и мислењата на невладиниот сектор и меѓународните пријатели.