Бизнисот кубури и со менаџери

Како главни гранки каде најмногу се чувствува недостиг на кадар се ИТ секторот, градежништвото, дистрибуцијата, производството и слично.

212

Задржување на постоечкиот кадар и враќање на оние квалитетни кадри кои заминале на работа во странство се едни од главните предизвици на бизнис заедницата во земјава во однос на состојбите со работна сила. Ова го изјави извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија Дриљон Исени на денешниот форум за предизвиците за квалитетна работна сила во современите трендови, што се одржа на Универзитот на Југоисточна Европа во Тетово. Активноста е дел од проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива што го подржуваат повеќе стопански комори од земјава.

Како главни гранки каде најмногу се чувствува недостиг на кадар Исени ги наведе ИТ секторот, градежништвото, дистрибуцијата, производството и слично.

– Особено недостасуваат производствени и технички профили како и кадар за високите менаџерски позиции. Како главни причини особено за таканаречениот „бреин дреин“ или заминувањето на образованите кадри во странство се истакнуваат квалитетот на животот кај нас, слабите јавни услуги од државните институциите и правната несигурност, како и разликите помеѓу очекувањата од бизнис заедницата и кадрите што излегуваат од образованието – рече Исени.

Како пример за подобрување на овие состојби тој го посочи Сингапур каде има поголеми давачки од државата за трудово масивните сектори за да има поголеми инвестиции во иновативните гранки и сектори што даваат поголема додадена вредност на производите и услугите.

За професорот по економија од УЈИЕ Гадаф Реџепи образовните институции во државата се обидуваат да произведат кадар што е баран од бизнис заедницата, но не успеваат целосно да одговорат на ваквите потреби.

– Постојните закон и Стратегија за образованието не соодветствуваат, особено за подготовка на кадри за индустријата, а од друга страна апсорбирачката моќ на нашите компании на високообразовани кадри е мала бидејќи имаме компании што имаат над 300 вработени, а немаат сектори за човечки ресурси или маркетинг или во финасии се работи само сметководство – изјави Реџепи.

Според него, образовните програми треба да се прават во соработка со бизнис заедницата, но и од таа страна треба да се работи на правилно и современо структурирање на компаниите. Истовремено според Реџепи и државата треба да преземе мерки за специјализирање на универзитетите, а не нивна меѓусебна конкуренција.

– Сега имаме состојба сите универзитети да имаат правен и економски факултет, иако потребите на пазарот се големи за други струки така што специјализирањето на универзитетите посебно за природни, технички и општествени науки може да придонесе во подобрување во оваа насока – рече Беџети.

Неби Јусуфи од Агенцијата за поддршка на мали и средни претпријатија ЕСА од Тетово го посочи податокот дека скоро 80 отсто од невработените во Тетово и околината се неквалификувана работна сила.

– Од околу 16.600 лица кои бараат работа, околу 61 отсто се со незавршено основно, основно и незавршено средно образование. Ако на нив се додадат околу 28 отсто со завршено средно образование каде доминираат гимназиските насоки доаѓаме до осумдесетина отсто од работна сила на пазарот без потребните квалификации за компаниите. Една од препораките е оформување на Центар за неформално образование во Полошко каде ќе се образуваат потребните кадри според компаниите кои ќе ги формираат насоките и програмите- изјави Јусуфи.

Тој информираше за нивната анализа на околу 100 вакви компании од Тетовско што ја спровеле во 2013/14 година за нивните барања, потреби, предизвици околу работната сила. Според анализата, најголеми потреби има за занаетчиските дејности, како и со високообразовните кадри за специфични дејности. Мало подобрување, според Јусуфи, имало со напорите на општината да го зголеми бројот на ученици што се запишуваат на средно стручните насоки во однос на гимназиските паралелки. Додаде дека и тука треба поголема промоција на стручните и техничките струки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...