Македонската лесна преработувачка индустрија има голем потенцијал за развој, но во тоа суштинска улога ќе има вложувањето во квалификувана работна сила. Ова е пораката од втората конференција „Macedonia Manufacturing Expo“, што се одржува денеска во Скопје, на која се присутни 60 македонски компании и 35 странски купувачи.
Дводневната конференција е можност за контакти на македонските компании за проширување на бизнисот надвор од локалниот пазар, преку вклучување во синџирите на добавување во секторот со странски компании.
– Производниот сектор има потреба од квалификувана работна сила, техничари, експерти,… Имаме многу инвеститори кои вложуваат тука, компании кои сакаат да најдат македонски компании како свои добавувачи, но есенцијата на се е квалификуваната работна сила. Зборуваме за технички стручни лица во овие компании кои се потребни за иднината за да може да се развиваат индустријата и извозот – порача на отворањето на конференцијата Патрик Мартанс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Со германска помош веќе една година се спроведува тригодишен проект за дуално образование, за да се намали јазот меѓу понудата и побарувачката на работниот кадар во автомобилската, металомашинската и индустрјата за производство на опрема.
Министерството за образование и наука ја смени наставната програма за техничари во средното образование и од годинава со пилот проект настава за индустриски мехатроничар ќе посетуваат 13 ученици во „Киро Спанџов“ во Кавадарци со вклучување на компанијата „Дрекслмаер“ и 18 ученици во училиштето „Свети Наум Охридски“ со ангжман на компаниите „Костел“, „ОДВ електрик“ и „ЛДХ леарница“.
– За мехатроничарите има широки перспективи во многу индустриски компании – забележа Мартенс.
Тој додаде дека за разлика од претходно кога практиката на ученицте изнесувала 10 отсто со новата генерација која е вклучена во проектот таа ќе опфаќа 45 отсто од стручното образование.
Како што истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми, во последните години се наметнува потреба од промена на структурата и содржината на стручното образование и обука и воведување дуално образование.
– Тоа е модел кој создава поголеми шанси за едуцирање на кадар со вештини и квалификации што навистина се бараат на пазарот на труд во одреден период а е резултат на брзите техничко технолошки развој на цели нови индустрии, иновациите и слично. Максимално сме посветени на реформирањето и унапредувањето на овој тип на образование – рече Адеми.
Министерката за поддршка на инвестиците Зорица Апостолска, пак, потенцираше дека Владата спроведува мерки за активна подршка на воведување нови технологии во производството со цел домашните компании да создават конкурентни производи и да воспоставуават партнерство со странските компании.
– За бизносот и капиталот е најважно стабилно и безбедно економско опкружување на кое ве уверувам дека Владата посветено работи преку реализација на нејзините стратешки приоритети за полноправно членство во ЕУ и НАТО- рече Апостолска.
Конференција е во организацијана Македонската асоцијација на метална и електроиндустрија (МАМЕИ) и Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Зад МАМЕИ стојат компании кои на државно ниво имаат 1,5 милијарда евра годишен извоз, што претставува 19 отсто од вкупниот извоз на државата или речиси пет проценти од вкупниот приход на државата.
– Овие компании се исклучително важни за домашната економијата, а особен оптимизам влева податокот дека овој сектор има 6,8 отсто годишен поарст на извозот, односно 17 проценти годишен пораст на увозот во индустријата – рече Марта Наумовска Грнарова, претседател на МАМЕИ.
Конференцијата е кофинасирана од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Холандската амбасада и Преда плус. Партнер е и Германската асоцијација за менаџирање, набавување и логистика на ланци на добавување (БМЕ).