Инспекторатот за труд и бизнисите зедно ќе се борат против сивата екониомија и нелојалната конкуренција. Ова го најавија денеска потпретседателката на Сојузот на стопански комори Габриела Кулебанова и директорот на Државниот инспекторат за труд Аљајдин Хавзиу на потпишувањето на договор за соработка.
– Сивата економија и нелојална конкуренција, го кочат развојот на државата и го спречуваат развојот на економијата, во таа насока двете институции засилено ќе делуваат кон подобрување на деловниот амбиент во земјата. Сите под еднакви услови треба да учествуваат во системот на државата, а не да наоѓаат начини да го заобиколат. Со акција на инспекциските служби и партнерска соработка со приватниот сектор можеме да го намалиме овој процент на сива економија во земјава – рече Кулебанова.
Таа смета дека инспекциските служби треба да делуваат со полн капацитет, но и да ја реализираат едукативната функција.
– Државен инспекторат за труд е позитивен пример, бидејќи во заедничката борба со сивата економија е единствена институција која знаеме дека има изречено глоба по Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, кој во моментов е наједноставниот механизам кај нас кој го имаме за справување со сивата економија – додаде таа.
Хавзиу смета дека честите измени на законите ги збунуваат работодавачите.
– Во овој период имаме чести измени на законските одредби и некогаш работодавачите често не можат да се снајдат. Ние сме тука за да им помогнеме и да укажеме на законските одредби – рече Хавзиу.