Бизнисот да избере член во општинските комисии за подготовка на конкурсот за упис во средното стручно образование, а конкурсот пред објавувањето да добие согласност од бизнис заедницата, бара Стопанската комора.
Од комората тврдат дека со тоа ќе се направи вистински избор на струките и бројот на ученици кои треба да ги изучуваат.
– Бизнисот знае каков кадар му е потребен и членот на комисијата од неговите редови би дал придонес во изборот на струките и бројот на ученици кои би се запишале за да нема промашувања во образованието на кадрте – вели Наташа Јаневска од комората.
Според неа, доколку во комисиите кои го подготвуват конкурсот за упис на ученици има претставник на бизнисот нема да се случува секоја година да се изучуваат исти струки.
– Составот на комисиите е различен, но претежно преовладуваат претставници од МОН, ДПИ и ЗЕЛС. Од досегашната практика се гледа дека секоја година Министерството за образование објавува ист конкурс за упис во средното стручно образование, па имаме само паралелки за медицински сестри, економски и правен техничар, додека на бизнисот му се потребни: машинбравари, заварувачи, месари, текстилци – појаснува Јаневска
Јаневска смета дека не е потребно да се зголемат платите на работниците во одделни индустрии за да се зголеми интересот на децата за изучување на одделни струки, туку дека е потребно поинаква уписна политика.
– Во месната индустрија иако има висока плата од околу 30.000 денари за вработување веднаш по завршување на училипште, нема ученици кои ќе се запишат таму. Кога би имале лимитирана уписна политика за навистина потребните квалификации бидејќи од таму почнува целиот процес сликата би била сосема поинаква – рече Јаневска.
Од комората велат дек,а и покрај тоа што со години укажуваат на проблематиката, од Министерството за образование нема слух за прифаќање на барањето.
Податоците на комората покажуваат дека од вкупно запишаните ученици во стручните училишта, 24 отсто се во здравствената струка, 22 отсто во економската, трговската и правната струка, а само 8,1 отсто во градежништво и геодезија, 4,5 отсто угостителство и туризам, 3 отсто во земјоделство и ветеринарство, само процент во секторот хемија и технологија за квалификацијата прехранбен техничар, а мал е процентот на запишани ученици во секторот текстил, кожа и други производи.