Процесите по референдумското изјаснување да завршат брзо за да се задржи растот на економијата, бара Стопанската комора на Македонија.
Од Комората предупредуваат дека ново дестабилизирање на економијата би предизвикало проблеми врз производството и инвестициите и стагнација и помал раст.
– Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината, потребна ни е стабилност во функционирањето на институциите. Очекувањето е колку може поедноставно и побрзо овој процес да се заокружи за да не се предизвикаат негативни последици по натамошниот економски раст. Во минатото беше евидентно, и тоа го покажуваа сите статистички показатели, дека во услови кога имаме избори и одредени кризи, стопанството не е имуно и се доведува во пад или стагнација – вели в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева Ѓуриќ.
Според неа, тоа може да се види и од она што се случуваше лани кога политичката состојба влијаеше економијата да забаележи само раст од 0,1 отсто.
– Влеговме во фаза кога состојбите почнаа да се раздвижуваат и кумулативно имаме раст на БДП од 1,6 отсто во првото полугодие, а само во вториот квартал 3,2 отсто. Далеку сме од економска стагнација, но доколку сакаме да го постигнеме проектираниот раст од 3,2 отсто треба да постојат реално такви состојби на пазарот и да нема непредвидени движења на домашната сцена или од надворешни фактори – рече Пеева Ѓуриќ.
Таа, сепак, оцени дека е рано да се заклучи оти ќе има нови предвремени парламентарни избори.