Бизнисмените го чекаат ребалансот да ги наплатат долговите од општините

Според најавеното, 50 милиони евра ќе завршат во касите на општините кои изминатиот период трупаа долгови кон компаниите, а останатото ќе го добијат пензискиот и здравствениот фонд.

300

Бизнисмените очекуваат да ги наплатат долговите од општините по ребалансот на буџетот откако министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека 92 милиони евра наменети за гасоводот и исградба на Клинички центар ќе бидат префрлени на општините и пензискиот и здравствениот фонд за покривање на нивните долгови.

Според најавеното, 50 милиони евра ќе завршат во касите на општините кои изминатиот период трупаа долгови кон компаниите, а останатото ќе го добијат пензискиот и здравствениот фонд.

– Општините се големи должници кон приватниот сектор, па пренамената на средствата кон нив и нивно раздолжување ќе придонесе за прилив на свежи пари во економија и до одредена мера ќе им овозможи наплата на долгови кои се натрупани со години назад – велат од Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Оваа комора предлага префрлањето на парите на општините да биде условено со обврска и гаранција да се исплатат долговите кон компаниите, за да не се случи и овие пари општините да ги потрошат за друга намена, како во минатото.

За оваа комора е очекуван ребалансот на буџетот, бидејќи и по три квартали има ниска реализацијата на капиталните проекти.

– Секако инвестициите се главниот столб што го подржува економскиот раст и истите би требало за се реализираат со над 85 отсто, но реализацијата долги години е околу 60 отсто од планираното, па ребаланс на буџетот е очекувана реакција на ваквата реализација на капиталните расходи – велат од Комората.

Економистите пак велат дека е проблематична пренамената на нереализираните пари за капитални проекти кај општините, без при тоа да се бара отчет за направените долгови во изминатиот период. Со ваквото однесување на владата, велат тие, им се остава простор на општините да трошат повеќе од она што го обезбедуваат како приход, да се задолжуваат и да очекуваат владата да им го покрие тоа.

Ребалансот сепак се доведува во прашање ако актуелната  политичката  ситуација доведе до нови избори. Тогаш овој ребаланс нема да се реализира,што пак ќе значи и дека парите планирани за покривање на долговите на општините и фондовите нема да се потрошат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...