Бизнисмените бараат поефикасна и побрза администрација

Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата е спороста во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат,вели Азески.

253

Поефикасна подобро обучена администрација,поедноставување на административните процедури, избалансирано менување на даночната регулатива, двојно намалување на казните, како и олеснување на царинските процедури и кратење на времето за царинење побара денеска Стопанската комора од првите луѓе на  Управата за јавни приходи и Царинската управа.

На денешната средба со првите луѓе на двете институции беше презентирана анкетата на Стопанската комора направена кај 270 компании од кои 153 од различна стопанска дејност. резултатите покажуваат дека  90 отсто од анкетираните побарале намалување на даночните казни, 45 отсто дека е потребна зголемена обученост на даночната администрација, 70 отсто сметаат дека Царината е ефикасна, но бараат попрофесионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески истакна дека најзначајни партнери на компаниите се Царината и Управата за јавни приходи и дека треба меѓу компаниите и овие две институции да се гради партнерски однос.

– Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата е спороста во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат – рече Азески.

Анета Трајковска, директор на Дирекцијата на други форми на организирање и работење во Стопанската комора смета дека системот е-Даноци претставува големо олеснување за компаниите, но треба да се надгради и усоврши со намалување на трошоците, како и надградување на мерките на даночната инспекција кон компаниите во насока „советодавната“ и „едукативната“ мерка.

-Се забележува дека е присутна селективност на даночната администрација кон компаниите во спроведувањето на даночните формалности. Само 20 отсто од компаниите остваруваат директен контакт „лице влице“  со УЈП во поглед на појаснувања за обврските кои произлегуваат од даночните прописи. Да се искорени практиката зачестените контроли да се спроведуваат постојано на исти компании и раководни лица. Дури 52 отсто од компаниите сметаат дека пропишаните казни во даночната сфера се премногу високи и нереални и речи сите дале идентичен предлог – казните треба да се намалат двојно – посочи Трајковска.

Директорката на УЈП Сања Лукареска рече дека УЈП е отворена институција за даночните обврзници, посочи на сите новини и активности што работат и информира дека се работи на текстот за персоналниот данок на доход кој ќе почне да се применува од 2019 година за воведување на прогресивното оданочување, како и на активности за повратот на ДДВ кај граѓаните.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски најави дека голем број од дозволите кои досега биле потребни на компаниите нема да им требаат и дека со цел олеснување на движењето на стоките на граничните премини ќе почне заедничкото царинење со Србија, а се работи и за заедничко царинење со Албанија и со Косово.

Според него, големо олеснување ќе биде и воведувањето на овластен економски оператор на компаниите. Најави дека се подготвува и нов закон за акцизи кој ќе предвидува нов начин на пресметка на акцизите при увозот на енергенсите.

На денешниот појадок Стопанската комора ги додели и наградите на Стопанската комора на Македонија за компании за реализирани инвестиции во 2017 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...