Британската кралица Елизабета Втора (92) ја одликуваше активистката Кетрин Елис Хили (62) и и ја даде титулата на дама. Кетрин жестоко се бори за декриминализација на проституцијата на Нов Зеланд.
И самата Кетрин во еден период од животот работела како сексуална работничка, па признава дека оваа титула вистински ја шокирала.
– Бев шокирана кога ми го понудија одликувањето. Се уште сум во шок. Пред неколку недели не ми паѓаше на памет дека такво нешто воопшто е возможно. Тоа е убаво чувство. Тоа е знак дека, сепак, нешто се менува – изјавила Кетрин Хили.
Кетрин во понеделникот стана почесна дама на новозеландскиот Орден на честа поради своите заслуги за правата на сексуалните работници, а кралицата Елизабета Втора ја одликувала во чест на својот роденден.
– Сето ова за мене е многу трогателно. Кога гледам на кои се луѓе им се доделувала оваа чест, никогаш во животот не би помислила дека ќе ми се додели и мене. Не знам што кралицата би мислела за тоа да знае дека сум поранешната проститутка, но јас тоа никогаш не го криев. Поради тоа и се залагам за легализација – рекла Кетрин Хили за „Вашингтон пост“.
Хили во 1987 година го основала новозеландскиот синдикат кој се бори за правата на сексуалните работници. Таа успеала да се избори за декриминализација на проституцијата, па од 2003 година борделите легално работат.
– Поради легализацијата професијата ќе биде сигурна – рекла Кетрин Хили која напорно работи и за да ја крене свеста за заштитата против ХИВ.
– Денес поинаку се размислува, бидејќи сега можеме да седнеме заедно на масата со полицијата и политичарите и да ги заштитиме сексуалните работници. Заедно планираме како што подобро да ги заштитиме и да им овозможиме да можат да го пријават сексуалното насилство – рекла Хили.
Кетрин Хили со оваа титула на „почесна дама“ се најде во друштвото на холивудската актерка Анџелина Џоли, уредничката на „Вог“ Ана Винтур, британската актерка Хелен Мирен, писателката Агата Кристи, холивудската актерка Елизабет Тејлор…