Беџети: Хумано е поранешните припадници на ОНА да не плаќаат комунални давачки

Не станува збор за дискриминација кон другите граѓани и жители на Сарај. Напротив, тоа беше мое изборно ветување, кое граѓаните на Сарај го поддржаа со тоа што ме избраа за градоначалник. Впрочем и Владата ослободува некои целни групи од плаќање на некои давачки, вели Беџети.

2796

Поранешните припадници на ОНА во општина Сарај нема да плаќаат ѓубрарина и канализација. Оваа одлука денеска ја донел Советот на Општина Сарај, односно дека оваа категорија граѓани се ослободени од комуналните давачки на ЈКП „Сарај”.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети за Плусинфо вели дека ова е едно од неговите предизборни ветувања и дека станува збор за хуман гест кон поранешните припадници на ОНА.

– Ова е хумано и произлегува од Рамковниот договор. Не станува збор за дискриминација кон другите граѓани и жители на Сарај. Напротив, тоа беше мое изборно ветување, кое граѓаните на Сарај го поддржаа со тоа што ме избраа за градоначалник. Впрочем и Владата ослободува некои целни групи од плаќање на некои давачки – ни изјаво Беџети.

Општината допрва ќе формира комисија за да ги регистрира сите поранешни припадници на ОНА и ќе им ја соопшти одлуката дека се ослободени од комуналните давачки на ЈКП “Сарај”, во општина Сарај.

Ваквата одлука за ослободување на поранешни војници на ОНА од давачки за прв пат по конфликтот во 2001 година, се реализира во општина Сарај. Од Општината велат дека не знаат дали и другите општини каде живета поранешни припадници на ОНА ќе го следат нивниот потег.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...