Беџети планира паркинг кај полицијата, туристите ќе пешачат 3 километри до Матка?!

2217

Жителите на селата Долна и Горна Матка ќе почекаат на решавање на сообраќајниот хаос во излетничкото место, бидејќи градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, предлага, како што вели, системско решение, а не сака преку парцијални решенија да воведе ред во паркирањето на излетниците и туристите кои ја посетуваат Матка.

Како што објави Плусинфо, жителите на двете села се обратиле до општината Сарај, до Град Скопје и до Министерството за транспорт и врски, со дописи во кои предлагаат како за мали пари да се реши сообраќајниот хаос кој владее таму.

Градоначалникот Беџети ни изјави дека во финална фаза е изработката на урбанистичкиот план за Матка.

– Единствено решение како општинска власт за да се елиминира сообраќајниот хаос во Матка е поранешната касарна од времето на СФРЈ и просторот таму, кој сега го користи полицијата, е да го отстапат на Општината и тој да влезе во новиот урбанистички план. Со тоа ќе се реши паркирањето и дополнително ќе се развие туризмот во Матка – вели Беџети.

Градоначалникот објаснува дека општината веќе неколку години се обраќала до МВР и до Владата и дека тој лично упатил дописи до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и до премиерот Зоран Заев да ѝ ја отстапат поранешната касарна на општината.

– Треба да се најде солуција каде да се смести полициското Одделение во Сарај и сметам дека тогаш би се решило паркирањето, ќе се растовари сообраќајот и ќе се придонесе за развој на туризмот во Матка. Но, за жал досега не најдовме заеднички јазик со МВР. Последниот одговор од МВР е негативен – вели Беџети.

Тој најави дека сега повторно ќе се обрати до МВР и ќе понуди алтернативи за сместување на полицијата и апелира да се забрза постапката за да се реши сообраќајниот хаос во Матка. Инаку, објектот за кој зборува Беџети, а во кој сега е сместена полицијата, е оддалечен околу 3 километри од излетничкото место. Се поставува прашањето како замислува градоначалникот од тука до рекреативното место на Матка да одат излетниците – пеш? Ако се пресмета и враќањето тоа ќе бидат околу 6 километри одење на топло или на студено време, со деца, со стари лица…

Жителите на двете села предлагаат привремено решение. Просторот до старата зграда на ЕВН да се пренамени во паркинг. Уште поголем простор за паркирање би се добил ако на оваа парцела, која е во државна сопственост, се изгради катна гаража. Тие предлагаат и старата зграда на ЕВН, во која сега живеат само три семејства, да се урне, а тие да се обештетат, за да се добие уште поголем паркинг простор. Со изградба на еден потпорен ѕид под кафеаната „Манастирска пештера“, пак, може значајно да се прошири сега малиот паркинг простор пред овој објект.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...