Строга фискална дисциплина за да се намали непродуктивната јавна потрошувачка која ја практикуваат јавните претпријатија и другите институции без за тоа да имаат оправдување, побара академик Абдулменаф Беџети на годишната конференција по повод Денот на Буџетот, насловена „Фискални реформи за праведен раст“.
– Сѐ уште немаме фискална свест кај одделен број градоначалници и директори на јавни претпријатија на домови на култура, на театри и на институции кои добиваат јавни пари, а располагаат со нив како да се нивна сопственост. Мора да се создаде фискална дисциплина и да се контролира текот на јавните пари – рече Беџети.
Затоа, додаде тој, не ми се бендиса многу потегот со кој Владата им ги покри дологовите на општините кои непродуктивно трошеле во изминатиот приод, оти со тоа само им се дава поголема можност тоа да го прават и во иднина.
Според него, Владата мора да ги заузда јавните претпријатија кои станаа „слепо црево“ на централната власт.
– Треба да се контролираат повеќе, посебно во однос на инвестициите. Не може веќе да се дозволи во буџетот да се прифаќаат милионски инвестиции кои не поминале низ сите процеси на подготовка. Потоа, на пример, да се плаќа еден милион евра само за идеен проект кој може на компјутер да се направи само за еден ден. Притоа да се нема и отчет за ваквото однесување на подносителите на проектите за капиталните инвестиции – рече Беџети.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, смета дека ваквата состојба ќе се надмине со зголемена транспарентност во однос на трошењето на јавните пари.
Тој смета дека јавните пари треба да се распределуваат праведно, наспроти определбата само да се креираат политики кои ќе создадат раст на економијата.
Според него, мерките кои Владата досега ги презела за праведен раст, веќе даваат резултати, како на пример, покачувањето на минималната плата, активните мерки за вработување.
– Како општество имаме обврска да се грижиме за граѓаните кои што живеат во сиромаштија. Подготвена е социјална реформа, со која се воведува минимален адекватен приход. Со ова ќе станеме прва земја во регионот која ја воведува оваа програма за извлекување од сиромаштија. Вложуваме во темелите на општеството – јавното образование и здравството. Сакаме нашите деца во иднина максимално да го користат својот потенцијал. Само така тие ќе имаат подобра иднина – рече Тевдовски.
Амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар оцени дека во изминатите две години Министерството за финансии направи повеќе значајни реформи во однос на фискалната политика, но за обезбедување праведна распределба на приходите потребно е да се задоволат четири прашања.
– Унапредувањето на вработувањето за да се намали стапката на невработеност и да се подобри пазарот на турдот, јавното инвестирање кое е клучно за развојот, да им се дадат еднакви можности на граѓаните во образованието и во здравството и да се работи на иновативност – рече Жбогар.
И тој како и академик Беџети смета дека треба да има контрола и ефикасност во јавното трошење.
Себастијан Соса од ММФ смета дека за да се обезбеди праведен раст треба да се намалуваат даноците за работната сила, како и на каматните стапки на кредитите за компаниите со што ќе им се даде можност да инвестираат во нови технологии и во продуктивноста.
Галина Андронова од Светска банка, пак рече, дека земјава како и сите други од Западен Балкан треба да работат уште многу за да постигнат праведен раст.
– Со сегашниот раст на земјите од Западен Балкан, им се потребни пет декади за да може да го стигнат актуелниот европски просек на животен стандард на граѓаните – рече таа.