Косовскиот премиер Рамуш Харадинај за нов министер за внатрешни работи на Косово го именува досегашниот заменик министер на безбедносните сили, Бејтуш Гаши.
Според Харадинај, како што јави дописникот на МИА, со именувањето на оваа функција, Гаши ќе донесе големо искуство во ресорот.
„Го наименував Бејтуш Гаши за прв човек на Министерството за внатрешни работи, кој до сега беше заменик министер за Коосвските бебзедносни сили. Тој е доктор на науки и професор од областа на безбедноста на Универзитетот во Приштина. На Владата и носи нов квалитет и големо искуство во оваа многу значајна сфера за земјата“, објави Харадинај на својот профил на Фејсбук.
Гаши е роден 1957 година во Приштина и на функцијата доаѓа на предлог на Алијансата за ново Косово.
Досегашен косовски прв полицаец беше Фљамур Сефај, кој поднесе оставка по барање на премиерот Харадинај поради апсењето и депортацијата на шестмина турски државјани, кои официјална Анкара ги обвинува дека се припадници на движењето на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен.
Поради истата причина, оставка по барање на Харадинај поднесе и директорот на косовската тајна служба Дритон Гаши, но засега Харадинај и претседателот Хашим Тачи не може да се усогласат за негов наследник.