Мора да барате креативни начини за стекнување публика, да бидете претприемачки настроени, стратешки да размислувате и планирате и да имате темелен финансиски менаџмент за да може да се остварите во денешни услови, зашто културата е област на натпревар и конкуренција, порача амбасадорот Џес Бејли на отворањето на дводневниот симпозиум за менаџмент во уметноста.
Настанот се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Амбасадата на САД во Македонија, во соработка со Министерството за култура и „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје.
Во присуство на околу осумдесет културни работници и експерти од Македонија, американскиот амбасадор истакна дека насекаде е тешко менаџирањето на културниот сектор, без разлика, како што рече, дали се работи за САД или Македонија.
– Се соочуваме со ограничени ресурси, променливи вкусови на публиката, мал распон на внимание со денешните социјални медиуми. И во САД културните институции се мачат да дојдат до публика и до позитивен биланс на своите сметки, но секогаш мора да бараат креативни начини како да стекнат публика. Не можете само да седите и да чекате публиката да дојде кај вас… Во барањето извори за финансирање важно е да ги натерате луѓето да учествуваат во управни одбори, што би им овозможило на менаџерите во уметностите да добијат различни идеи за менаџментот, за управувањето со финансиите и тоа би помогнало да се зајакнат тие институции – рече Бејли, кој сподели искуства зашто и самиот израснал во семејство кое, рече, е инволвирано во уметностите.
Подвлече дека Македонија има многу нешта што може да ги понуди во културниот простор, кои воопшто не се истражени. Некогаш бенефитот се стекнува и од еден знак поставен на патека на локалитет, посочувајќи на примерот со Кокино, каде минатата година беа поставени насоки и знаци за движење на посетителите.
– На пример Кокино е тешка локација за да се разбере, од неолитот е, и без знаците изгледа само како куп од карпи. Преубаво место кое без знаци не значи ништо. Едно мало знакче, една добро направена патека и веќе имате дестинација која објаснува една фасцинантна локација. Тоа не бара голема инвестиција, но бара мислење и планирање – додаде амбасадорот на САД.
Во поздравното обраќање Бејли кажа и дека една од силите на САД е тоа што нема Министерство за култура, но има многу организации посветени на уметноста и културата, владини агенции кои имаат конкретни улоги во остварувањето на културата.
– Тоа е важна разлика, затоа што ние не ја гледаме културата како нешто што владата би требало да се занимава и таа идеја е вметната во нашиот целокупен пристап кон дејноста на културата. И покрај тоа што немаме Министерство за култура, таа е многу развиена, зашто институциите од уметноста и културата го подобруваат општествениот живот и економските перформанси. Еден музеј или концертна сала, на пример, се меѓу најпрепознатливите места што луѓето ги посетуваат – рече амбасадорот Бејли.
Министерот за култура Асаф Адеми, кому ова му беше прв официјален настан, истакна дека приоритет на Министерството е вклучување и подобрување на соработката на национално ниво во областа на културата.
– Со овој симпоизум ќе имаме добра визија за идното менаџирање на културните институции, соработка меѓу владиниот и невладиниот сектор. Овој симпозиум ќе помогне и да се добијат сознанија од најдобрите практики за процесот на децентализација и развој на културата на локално ниво. Сето тоа ќе придонесе за развој на културата која е во спрега со економијата. Уверен сум дека симпозиумот ќе им овозможи на нашите менаџери да бидат во чекор со светските текови и дека ќе помогне за полесно реализирање на политиките на владата за креирање одржлива култура, широко поставена од сите и за сите, која ќе ги следи потребите на сите граѓани – рече Адеми.
Своите искуства во оваа област, на македонските менаџери во културата денеска и утре ќе им ги пренесат тројца гости од САД: Авива Розентал – заменик-директор од Канцеларијата за меѓународна соработка од музејот „Смитсониан“ во Вашингтон, Филип Хорн – поранешен извршен директор на Советот за уметност од Пенсилванија и Ален Наус – актер и некогашен директор на Театарот на уметниците во Портланд, Орегон.