Македонско-руската стопанска комора во овој момент ниту има најава ниту, пак, од оваа перспектива во иднина очекува какви било мерки од страна на Руската Федерација, вели во интервју за МИА директорот на Македонско-руската комора, Дејан Бешлиев.
Според него, македонските извозници не треба да очекуваат никакви пречки за пласман на рускиот пазар од политички причини, туку исклучиво од аспект на конкурентност.
– Деновиве се вративме со група од дваесетина деловни луѓе кои беа учесници на саемската манифестација „Мир Питание/World food 2018“ во Москва. На овој најголем саем за овошје и зеленчук и прехранбени производи во Русија и воопшто во Југоисточна Европа се сретнаа со своите руски колеги. Разговорите поминаа во срдечна атмосфера, а контактите покажаа дека не само што руските увозници се заинтересирани за македонските производи туку нивните барања се зголемени. Рускиот пазар и потрошувачите одамна го имаат детектирано квалитетот на нашите земјоделски производи и оттаму е таквиот зајакнат интерес за нивно купување.Но, клучното прашање е до која цена се подготвени руските компании да платат за неспорниот квалитет на нашите праски, рана зелка, јаболка, домати… Рускиот пазар е буквално нападнат од голем број производители од сите страни на светот, конкуренцијата е безмилосна и на тоа македонските производители во иднина ќе мора да посветат поголемо внимание. Пречките за поголемо присуство на овој пазар најмалку во иднина може да се очекува да бидат политички, туку само конкурентски – вели Бешлиев.
Тој вели дека Македонија може да го следи словенечкиот пример на соработка со Руската федерација.
– Сметаме дека е многу интересно да се погледне примерот на Словенија, која како членка на ЕУ и на НАТО, сепак, благодарение на континуираните билатерални контакти, успеа да изгради своја патека за соработка со Руската Федерација- вели Бешлиев.