Шефот на Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Босна и Херцеговина, Брус Бертон денеска изјави дека пресудата за Радован Караџиќ претставува уште еден важен чекор кон приведување на правдата на лице кое е најодговорно за геноцид и други најтешки воени злосторства извршени во БиХ.
– Прво и најважно е што нашите мисли се со семејствата на жртвите, за кои трагањето по правдата е долготрајно и болно. Тоа е сложен и тежок процес, но во исто време е и процес кој е од пресудна важност. Утврдувањето на одговорност за извршените злосторства, дури и по толку години по војната, е од клучна важност е за изградба на трајниот мир во БиХ, владеењето на правото и зајакнување на меѓународната судска пракса, посочи Бертон.
Тој додаде дека правосудните институции на БиХ продолжуваат заедно да работат со Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.
Сепак на тие институции им е потребна поддршка за продолжување на работата на предмети за воени злосторства на независен и непристрасен начин, без политички напади или обиди за непотребно влијание, наведе Бертон.
Тој додаде дека Мисијата на ОБСЕ во БиХ ќе продолжи да го поддржува правосудството на БиХ со цел да се изведат пред правдата одговорните за воени злосторства.
– Ги повикуваме сите граѓани на БиХ и пошироко, политичките и партиските лидери, претставниците на локалните општини, верските лидери и активисти да ја почитуваат денешната одлука и да избегнуваат запалива реторика која води кон поделби. Само преку заедничко вложување на сите во процесот на помирување може да се постигне стабилност и безбедност во БиХ, наведе Бертон.
Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја изрече второстепената пресуда на поранешниот лидер на босанските Срби, Караџиќ, со која тој е осуден на казна доживотен затвор.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.