Сенаторот Берни Сандерс го нарече претседателот Доналд Трамп „патолошки лажго“ и рече дека не слушнал ништо за разузнавачките податоци за кои зборувал Трамп, а се однесуваат на тоа дека иранскиот генерал планирал напади.
– Тешкотиите со кои се соочуваме, без да сакам да бидам груб, е што имаме претседател кој е патолошки лажго – рече Сандерс за Би-Би-Си.
Тој е водечки кандидат на демократите за претседател во 2020 година.
– Мислам дека она што се случува во нашата земја и низ целиот свет е дека луѓето не веруваат многу во она што го кажува Трамп. И затоа што тој постојано лаже, може некогаш да ја каже вистината и луѓето да не му поверуваат – додаде тој.
Трамп во четвртокот рече дека Сулејмани планирал напади врз повеќе амбасади. Претходно истиот ден, тој рече дека Сулејмани планирал да ја разнесе американската амбасада во Багдад.