Бернерс-Ли: Светската мрежа е во рацете на злобници

76

Британскиот софтверски инженер Тим Бернерс-Ли пред точно триесет години го осмислил системот за размена на информации меѓу научниците во светот. Тоа значеше огромна промена за човештвото воопшто, зашто тоа беше основа за она што денес го викаме Светска мрежа (World Wide Web) и за интернетот.

Кон крајот на 90-те години Бернерс-Ли го пушти во употреба и првиот сервер за пребарување на мрежата.

Меѓутоа, научникот кој тогаш, во март 1989 година, работел во познатата научна лабораторија крај Женева ЦЕРН, предупредува дека неговиот изум сега „е во рацете на манипулативни расипници” и тоа би можело да доведе до уништување на самата мрежа.

Бернерс-Ли бил задолжен за регистерот за имиња во ЦЕРН, но дошол на идеја да побара начини како илјадниците научници од светот кои соработувале со европските истражувачки лаборатории полесно да ги споделуваат информациите за својата работа.

– Работеше многу напорно. Светлата во неговата канцеларија секогаш беа вклучени… Уште тогаш имаше чувство дека се создава историја – изјави Франсоа Флукигер, кој дојде на чело на Веб-тимот за развој по заминувањето на Бернерс-Ли на исто толку познатиот Технолошки институт на Масачусетс (МИТ) во 1994 година.

Сепак, и тој се пожали на злоупотреби на интернетот, како што е ширењето лажни вести и масовна хистерија.

Бернерс-Ли лани покрена своја кампања за „спасување на мрежата“.

– Вебот го презедоа расипници и тролови кои го користат за манипулација на луѓето во светот – изјави тој во интервју во декември.

Претходно, на Веб-самитот во Лисабон тој повика и на нов „Договор за Вебот“, заснован на пристапот за сѐ и на основното право на приватност.

Во јануари, тој ги повика глобалните елити на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос да се приклучат на борбата против „поларизацијата” на интернет-дебатите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...