Берлин, Виена и Рим создаваат „оска” против илегалната миграција

491

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска најави создавање на „оска“ меѓу министрите за внатрешни работи на Австрија, Германија и Италија во борба против нелегалната миграција.

– Се радувам на добрата соработка, која сакаме да ја изградиме меѓу Виена, Рим и Берлин во таа област, изјави Курц на прес-конференција во Берлин. – Според нас, потребна е оска на оние кои сакаат да се борат против нелегалната миграција – додаде тој.

Курц нагласи дека таа „оска“ има смисла затоа што низ трите држави поминува една од главните маршрути во Европа за мигрантите кои доаѓаат преку Средоземното Море.

– Се повеќе и повеќе луѓе пристигнуваат во Грција, има нов развој по албанската рута и мислам дека е важно да не ја чекаме катастрофата како во 2015 година, туку да дејствуваме превентивно – рече Курц.

Објавувањето на новата „оска“ ги ослабнува позициите на германската канцеларка Ангела Меркел, која се обидува да постигне договор за европски систем за азил пред Самитот на ЕУ кон крајот на јуни. Но, многу држави не сакаат да прифатат премествање на бегалците на своја територија.

Курц изјави дека многу држави во ЕУ се посветени на справувањето со нелегалната миграција и како пример ги посочи Холандија и Данска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...