Белата куќа одби да ги достави документите за кои е издаден налог, а се клучни во истрагата за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти денеска Претставничкиот дом во Конгресот кој ја предводи истрагата.
Адам Шиф, претседател на Комитетот за разузнавање, Елиот Енгел, претседател на Комитетот за надворешни работи и Каролин Малони, вршител на должноста претседател на Надзорниот одбор, во писмо до заменик-државниот секретар Џон Саливен наведуваат дека одбивањето на Белата куќа да го почитува налогот е „попречување на законските функции на Конгресот и истрагата за импичмент“.
Во писмото се додава дека комитетите собрале докази за директна поврзаност на тие документи, вклучувајќи и информации од огромно значење, со обвинение дека претседателот ја злоупотребил моќта за лична политичка корист.
– Одбивајќи да ги предаде документите, вклучително и белешките за напорите за заплашување на вработените, како и комуникациите во кои Трамп барал политички истраги од Украина, Стејт департментот укажува на тоа дека овие документи ги поддржуваат обвинувањата против претседателот и другите – се наведува во писмото.
Американскиот суд му нареди на Стејт департментот да започне во рок од 30 дена да поднесува документи во врска со контактите на администрацијата на претседателот Трамп со Украина, тврдејќи дека се работи за материјал од јавен интерес.
Документите, според Законот за слобода на информации, ги бара органот надлежен за надгледување на администрацијата.
Адвокатот на тој орган Даниел Мекгарт за време на расправата во Федералниот суд во Вашингтон рече дека тие документи се од јавен интерес и се заложи за заедничка работа со Владата за да се воспостави кои од тие документи можат да се објават поради евентуална ознака за тајност.
ФОТО: EPA / ALEX EDELMAN / POOL