Фабрика за производство на стакло на македонско-холандска компанија „Глас Флекс“ која се гради во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово ќе почне со производство во октомври. Ова денеска го најавија од компанијата по средбата со министерот за економија Крешник Бектеши.
Компанија, најави инвестиција од 9 милиони евра и 300 вработувања, а ќе се произведува калено, ламинирано и други видови специјални стакла.
– Објектот содржи производствена хала и простор за администрација со површина од 9.000 м². Со градбата е отпочнато кон крајот на 2018 година, а градежните активности се планиреа да се завршат до крајот на месецот. Во август ќе се постават инсталациите во објектот. Машините се од Финска и Шпанија, а ќе се монтираат во август – информира менаџерот на проектот Гоце Пешов.
Најголем дел од производството е наменето за извоз – 80%, додека 20% за домашниот пазар.
За време на денешната посета на ТИРЗ Тетово, Бектеши се сретна и со Арбен Халили, генерален директор на фирмата „Нормак“ која е приватниот партнер на државата во зоната. Во разговорот повторно е покренато прашањето за изградба на надвозник за поврзување на зоната со автопатот Скопје -Тетово, што е од клучно значење за реализација на планираниот развој на оваа зона.