Бектеши очекува деновиве да се повлече забраната за извоз на компир и мед во Косово

Косово ги прифатило аргументите на државава и кога ќе се утврди дека косовските институции работат согласно со програмата за мониторинг, забраните ќе бидат повлечени.

34

Министерот за економија, Крешник Бектеши во писмо до неговиот косовски колега, Ендрит Шаља наведе дека очекува во текот на овие работни денови Косово да ја повлече Одлуката за забрана за извоз на компир и мед од државава, воведена пред една недела како одговор на нашата забрана за увоз на икра и рибен подмладок од оваа соседна држава, а поради недостаток на мониторинг на нивната состојба.

Во писмото, што го објави на неговиот Фејсбук профил, Бектеши укажува дека Северна Македонија, може да дозволи увоз на рибен подмладок и икра, доколку косовските власти ги дадат сите потребни гаранции и доколку работните групи потврдат дека се воведени програми за активен и пасивен надзор на водните култури и дека се спроведени како што треба.

– По забраната што Република Северна Македонија ја наметна на сите земји, вклучително и Република Косово, кои немаат мониторинг заради извоз на животни од аквакултура, како мерка предвидена од меѓународно воспоставените принципи за спречување ширење на болести на аквакултура, Агенцијата за ветеринарство и храна на Република Косово треба да обезбеди докази за нивно воспоставување. Воедно да спроведе соодветна програна за активен и пасивен надзор врз аквакултурата, како и дека тие вршат лабораториска анализа за бараните заболувања кај животните од аквакултура – наведува Бектеши во писмото, осврнувајќи се на состојбите и договорот по состанокот од пред три дена во Приштина.

Во случај ако надлежните органи на Република Косово ги обезбедат сите потребни гаранции, а наодите на работната група потврдуваат дека се воспоставени програми за активен и пасивен надзор на аквакултурата и соодветно се спроевдуваат, стои во писмото, АХВ на Северна Македонија може да дозволи извоз од односното претпријатие за аквакултура, кое има право да извезува животни од аквакултура во Република Северна Македонија.

– Врз основа на овој договор, очекуваме во текот на овие работни денови да ја повлечете Одлуката за забрана за извоз на компир и мед. Останувам на расчолагање за какви било дополнителни информации што може да бидат корисни во насока на олеснување на трговските односи помеѓу двете држави – наведува Бектеши.

На средбата во Приштина во вторникот Бектеши најави дека повторно ќе се овозможи увоз на икра и материјал за порибување од Косово тогаш кога ќе се достави целосната документација од Косово.

Според Бектеши, Косово ги прифатило аргументите на државава и кога ќе се утврди дека косовските институции работат согласно со програмата за мониторинг, забраните ќе бидат повлечени.

Како што објасни директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, потребно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи.

– Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Северна Македонија. Тоа е меѓународно воспоставен принцип со кој што се гарантира дека земјата ги нема болестите и тоа е начинот како ние да се заштитиме да не внесеме болести на нашата територија – рече Атанасов.

Официјалните податоци покажуваат дека извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите пет месеци од годинава е во вредност од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...