Бектеши не ги повлекува измените на законот за минерални суровини

Според него, предложеното законско решение не е субјективно, туку во него се прецизираат одредени делови кои досега не беа прецизирани.

137

За оваа Влада секогаш приоритет ќе биде здравјето и безбедноста на граѓаните и доколку тие бидат загрозени, како Министерство за финансии ќе постапиме исто без разлика дали се работи за мала концесија за песок и чакал или за голема концесија за металични рудници, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши коментирајќи го барањето на Асоцијацијата на рудници за повлекување на измените на Законот за минерални суровини.

– Ќе ги третираме исто бидејќи нашата заложба е да им обезбедиме на сите граѓани да бидат безбедни и да се грижиме за нивното здравје. Треба да се има предвид дека во новото законско решение има мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање и да се достави елаборат за животната средина. Врз основа на тоа, ќе се донесат соодветните одлуки – рече Бектеши.

Според него, предложеното законско решение не е субјективно, туку во него се прецизираат одредени делови кои досега не беа прецизирани.

– Тоа беше едно од главните барања на граѓаните – рече Бектеши.

Владата досега раскина неколку договори за дадени концесии, кои, како што појасни Бектеши, не е направено популистички, туку притоа е водено сметка за здравјето и безбедноста на граѓаните, како и за тоа да не и се нанесе штета на државата, односно да му се плаќаат пенали на концесионерот.

Македонската асоцијација за рударство вчера на прес-конференција побара повлекување на законот од собраниска процедура и организирање на јавна расправа на која сите засегнати страни ќе ги претстават своите аргументи. Според нив, законското решение не може да се носи по скратена постапка, а евентуалните измени на законот би требало да бидат само во делот на усогласување со Законот за прекршоци. Тврдат дека воопшто не биле консултирани при носењето на измените и додаваат дека државата нема став и стратегија дали и требаат рудници или не.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...